Самоиловата тврдина, средношколските и основните образовни установи во Охрид, општинската зграда, објектите на локални и национални установи и институции, како и споменици во центарот на градот блескаат во боите на ретките болести.
Во знак на поддршка на оние што боледуваат од ретки заболувања, на половина од петтата сезона од Националниот проект за запознавање на ретките болести, што се спроведува во февруари, се осветлени многу објекти, обоени многу дланки на јавни личности и претставени многу цртежи и спортски активности.
Гордана Лолеска, претседателката на Здружението за ретки болести „Ретко е да си редок“, посочи дека тоа се само дел од локациите што блеснаа во знакот на поддршка на ретките.
– Оваа година за Денот на ретките болести – 28 февруари, ги повикуваме сите да и помогнат на заедницата за ретките болести, да се обедини во синџир од светла низ целиот свет. Како и секоја година, така и оваа година се приклучуваме кон глобалниот повик на „Еурордис“ за осветлување на локални и национални згради и споменици, вели Лолеска.
Таа појаснува дека синџирот осветлени објекти е симболичен начин на ослободување од изолацијата на пациентите со ретки заболувања на глобално ниво.
– Осветлете некој објект и дајте ни ваш предлог за илуминација на некоја зграда, споменик и слично. Повеќе осветлени локални и национални згради и споменици го зајакнуваат меѓународното влијание, обојте ги вашите дланки и дајте им ја својата поддршка на 300-те милиони пациенти со ретки болести низ целиот свет, порача Лолеска.