Најмалку еден човек загина, а неколку се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случи доцна синоќа на автопат во Хрватска.
Според информациите од хрватските медиуми, несреќата се случила кај клучката Бриње, кога се превртел автобусот со албански регистарски ознаки.
Полицијата соопшти дека 58-годишниот возач, албански државјанин, од засега непозната причина свртел десно, удрил во ограда и се превртел на левата страна.
Во автобусот во моментот на несреќата имало девет патници и возачот. Едно лице загинало, а неколку лица се повредени и се сместени во општите болници во Карловац и Огулин. Полициската истрага е во тек.
Хрватскиот авто-клуб извести дека делот на автопатот А1 Загреб-Сплит-Плоче меѓу раскрсниците Огулин и Бриње е затворен во двата правци поради сообраќајна несреќа. Сообраќајот на државните патишта е преку Оштари и Модруш (DC42 и DC23).
Оттаму додаваат дека возачите тешко се движат по одредени делници од патиштата во внатрешноста поради снегот и на крајбрежјето поради невремето.