понеделник, 1. јануари 2024. Вести денес: 0
home Скопје

Во Општина Аеродром започна заловувањето на кучиња скитници

Во Општина Аеродром започна заловувањето на кучиња скитници

На територија на Општина Аеродром денеска започна акцијата за заловување на бездомни кучиња, организирана од тимот на јавното претпријатие „Лајка“.

Целта на акцијата е кучињата да поминат хуманитарниот третман. Како што информираат од „Лајка“, со акцијата оваа недела ќе бидат опфатени селата Долно и Горно Лисиче, реонот на улицата „Тодор Чангов“ и населба Лисиче, а следната седмица таа ќе се спроведува во населбите Ново Лисиче, Јане Сандански, Стар Аеродром, Мичурин и Острово.

-Заловувачкиот тим ќе го залови секое бездомно куче што ќе го сретне во овие реони, а кое го нема поминато хуманиот третман. Доколку граѓаните од гореспоменатите населби имаат бездомно куче кое сакаат да го посочат на тимовите, нека се јават на 02 256 5859 / 071 219 925 или нека пријават на [email protected], соопштуваат од „Лајка“.

Од Општината информираат дека Аеродром се соочува со најголем број на пријави за инциденти со каснувања од кучиња скитници.

-Токму минатата недела, беше објавена реакција во јавноста во која потенциравме дека Општината навремено и секој месец исплаќа 100.000 денари на јавното претпријатие, за што очекуваме сериозен и зголемен ангажман за решавање на ова прашање. Ги поддржуваме сите напори за зголемување на безбедноста на граѓаните во секојдневното живеење, како и хуманиот третман на кучињата скитници. Се надеваме дека оваа акција на ЈП „Лајка“ ќе вроди со плод и овој проблем ќе биде минато во најбрз можен рок, посочуваат од Општина Аеродром.