Американското радио Слободна Европа започна нова програма на руски јазик за корисниците во балтичките земји Естонија, Летонија и Литванија, јави ДПА.
Програмата „Балтикот во сегашно време“ има за цел да му обезбеди објективни вести на рускојазичното малцинство и да се бори против дезинформациите на Москва, соопшти радиото. Получасовниот пренос во живо ќе се емитува од понеделник до петок од студио во Рига со поддршка на новинарите во Талин и Вилнус. Еден од првите гости во студиото беше претседателот на Летонија Егилс Левитс.
„Балтикот во сегашно време“ ќе биде важна противтежа на корозивните лаги на Кремљ за демократските институции и вредности на балтичките земји“, порача шефот на Радио Слободна Европа Џејми Флај.
Многумина од рускојазичните малцинства во балтичките земји, кои се граничат со Русија, со години гледаат само руска државна телевизија емитувана од Москва, потсетува ДПА. Од почетокот на руската инвазија на Украина, трите балтички земји воведоа забрани за руските телевизиски канали со образложение дека шират лажни информации и провоена пропаганда или поттикнуваат омраза.
Радио Слободна Европа, основано во 1951 година, е финансирано од американската влада, но, според самиот медиум, вестите ги пренесува без никакви насоки од Вашингтон. Се емитува на 27 јазици во 23 земји и го слушаат повеќе од 40 милиони луѓе секоја недела. (МИА)