Поранешниот генерален секретар на Обединетите нации Бан Ки-Мун денеска повика на „итен прекин на насилството“ во Мјанмар, по ненадејниот состанок со тамошните воени власти.
Бан Ки Mун вчера се сретна со лидерот на воената влада, генералот Мин Аунг Хлаинг и други високи функционери во главниот град на Мјанмар, Нејпидо.
Бан отпатува таму во својство на заменик-претседател на групата „Старешини“ (The Elders).
Групата постари дипломати е основана за да се вклучуваат во иницијативи за мир и човекови права ширум светот.
Во соопштението што групата го објави денеска, се вели дека целта на неговата посета на Мјанмар „е да се најде пат за ставање крај на насилството и да се воспостави мирна, демократска, инклузивна и легитимна влада“.