недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Шведска го гради првиот електричен автопат

Шведска го гради првиот електричен автопат

Откако Европската Унија минатиот месец го усвои законот според кој сите нови продадени коли треба да имаат нула емисии на јаглерод диоксид од 2035 година, европските земји брзаат да ја подготват инфраструктурата која е потребна за движење без гориво, пишува „Евроњуз“.

Шведска моментално работи на електричен автопат – првиот во светот кој ќе работи на овој принцип.

На електричниот автопат, електричните автомобили и камиони ќе можат да се напојуваат со енергија за време на возењето.

Експертите велат дека ваквото динамично напојување ќе дозволи електричните превозни средства да патуваат на долги дистанци и покрај малите батерии, но и дека принципот ќе го спречи долгото чекање на станиците за електрично напојување.

Шведска е пионер во градење на електрични патишта, а процесот вклучува неколку пилот проекти, меѓу кои и првиот привремен електричен автопат.

„Сметаме дека ваквото решение може да помогне во достигнување на целта за ослободување од загадувањето за кое придонесува транспортниот сектор, но работиме и на други решенија“, изјавил Јан Петерсон, претставник на шведската транспортна администрација.

Избраниот автопат, европската рута Е20, ги поврзува логистичките центри меѓу Халсберг и Оребро, лоцирани во средината на трите големи градови во земјата, Стокхолм, Гетеборг и Малме.