вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Штипските јавни претпријатија „Исар“ и „Стипион“ со нови директори

Штипските јавни претпријатија „Исар“ и „Стипион“ со нови директори

Нов вршител на должност директор на ЈП „Исар – Штип е Кирил Зајков, а на ЈП „Стипион“-Штип е Панче Стефановски, информираше на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Зајков кој од денеска ќе управува со „Исар“ најголемото комунално претпријатие во Брегалничкиот регион доаѓа на местото на Трајан Коцев, кој на денешната прес-конференција истакна дека изминатите месеци забележана е продуктивност во одредени работни единици, а и рационално се трошени парите.

-Како резултат на ваквото работење намалени се долговите во ЈП „Исар“-Штип и тоа за 7,5 милиони денари, овде би напоменал дека 800.000 денари е намален долгот кон ХС „Злетовица“, долгот за струја од приватен снабдувач е намален за три милиони денари, долгот за нафта е намален за околу 600.000 денари, исто така и за набавка на цевки за водоводна и канализациска мрежа, кој во јануари и февруари фирмата која го имаше добиено тендерот заради долг од околу седум милиони денари можеше да не ни испорачува, успеавме преку преговори и договори да го решиме и да го намалиме за три милиони денари, вели Коцев.

Зајков од директорската позиција на ЈП „Стипион“-Штип преминува во ЈП „Исар“-Штип, а на негово место доаѓа Панче Стефановски, кој досега бил претседател на Управниот одбор на ЈП „Стипион“-Штип и двајцата истакнаа дека ќе работат во интерес на граѓаните, како и намалување на долговите на двете јавни претпријатија.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека новите директори ќе имаат низа на активности за решавање на проблемите на граѓаните. Прашан на што се должат директорските смени во двете јавни претпријатија за неполни две години, штипски „Исар“ добива трет вршител на должност на директор, Јорданов со одговор дека за многумина ваквото решение е несекојдневно, а довербата меѓу него и првите луѓе на јавните претпријатија е на високо ниво.

-Во минатото во Штип и во другите државни институции промената и назначувањето на директори е било на подолг временски период. Ова е наш начин на работа, којшто сакаме да го воспоставиме се со цел да ја подигнеме мотивираноста, кај секој еден од нас, во заеднички договор и комуникација да ја подигнеме на повисоко ниво, во позитивна смисла на зборот и сметаме дека ова е начинот на којшто ќе имаме поголема контрола, но и поголема продуктивност и мотивација, вели Јорданов.