Москва соодветно ќе реагира на „непријателската“ одлука на Исланд да ги намали дипломатските односи со Русија, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.
„Секое антируско дејствување од страна на Рејкјавик неизбежно ќе биде проследено со соодветна реакција“, се додава во соопштението.
Исланд вчера објави дека од 1 август на неодредено време ја затвора амбасадата во Москва поради ситуацијата поврзана со конфликтот во Украина. Така, таа стана првата земја што донесе таква одлука.
„Сегашната ситуација едноставно не дозволува малото дипломатско претставништво на нашата земја да работи во Русија“, изјави исландската министерка за надворешни работи Тордис Гилфадотир.
Рејкјавик појасни дека не станува збор за прекин на дипломатските односи. Исланд, со население од околу 375.000 жители, има амбасада во Москва од 1944 година, со прекин во периодот 1951-53 година.