недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Претседателот на Сојузот на средношколци: Виновни се и тие што препишувале и тие што дозволиле да се препишува

Тоа што се случи вчера претставува пропаст на нашата колективна свест, совест и доблест. За таквите дејства не се виновни само учениците, туку и системот што тоа го дозволил, изјави претседателот на Сојузот на средношколци во заминување Лука Павиќевиќ.

– Вината припаѓа на сите – и на тие што препишувале, и на тие што дозволиле да се препишува, рече Павиќевиќ, прашан за коментар на тоа што се случи вчера на полагањето на вториот екстерен испит, кога тестот по Англиски јазик бил споделен во вибер-група во која биле вклучени околу 7000 матуранти т.е. над половина од бројот на кандидати што го полагале испитот по тој предмет.

Досегашниот средношколски лидер, кој се избори во преговори со МОН за олеснување на државната матура за оваа генерација матуранти, смета дека треба да има санкции ако се утврди дека матурантите препишувале и дека за тоа треба да одлучи Државниот испитен центар.

– Тоа го одлучува Државниот испитен центар. Но, ако се утврди навистина дека препишале, тогаш апсолутно да. Тоа е ставено и во самите инструкции, рече Павиќевиќ.

За оваа генерација олеснувањето на државната матура било многу потребно бидејќи, како што рече, „беа изгубени небаре сите четири наставни години“.

– Мило ми е што новото раководство на Сојузот на средношколци ќе се залага за новата концепција на државна матура која го поставува целиот процес на едно повисоко ниво, изјави Павиќевиќ по соопштувањето на резултатите од изборот на негов наследник на лидерското место на Сојузот.

Најнови вести