сабота, 9. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ: Министерке, правите неуспешен обид за себе амнестија

Комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ: Министерке, правите неуспешен обид за себе амнестија

Почитувана министерке, Бисера Костадиновска Стојчевска, прикажувањето на играната серија „Црвениот поет“ во рамките на Културната меѓународна манифестација „Рацинови средби“ не Ве амнестира ниту Вас ниту Владата ДУИ-СДС за нејзиното шестгодишно држење во бункер. Факт е дека по цели шест години, единствено локалната самоуправа во Велес (предводена од ВМРО-ДПМНЕ) овозможи оваа играна серија да биде достапна за публиката во рамки на реномираната меѓународна манифестација посветена токму на големиот Рацин, реагира Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение го пренесуваме нивното соопштение:

Градоначалникот на Велес и неговите соработници успејаа да докажат дека уметноста и уметничкото дело се, пред сè, насочени кон конзументот, кон публиката и кон нејзиниот вредносен суд. Власта со своето стихијно, безидејно делување е таа која „требејќи“ го уметничкото дело и неговата суштина, пронаоѓа идеолошки неправилности.

Но, премиерата во рамките на „Рацинови средби“ во ниту еден момент не ги амнестира ниту Агенцијата за филм, ниту продуцентот, ниту пак Министерството за култура за непочитувањето на Законот за филмска дејност и обврските согласно Договорот и Анекс-договорот за оваа серија. Имено, продуцентската куќа „Сектор филм“, со неприкажувањето на серијата по точно утврдени правила и начин на некоја од националните телевизии, законски не ги оправдува добиените финансиски средства (23.000.000 денари).

Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ повторно укажува дека Агенцијата за филм, треба бесплатно да ја понуди серијата на некоја од националните телевизии, доколку според потпишаниот договор за финансирање, серијата не биде емитувана на некоја од националните телевизии во рок од две години по нејзиното завршување. Сепак тоа досега не е направено. Играната серија за Рацин се крие од очите на јавноста. Треба јасно да се посочи дека продуцентот освен права има и обврски, а во овој случај, иако му се испочитувани правата и му е дадена државна помош за овој проект, тој повеќе години не ги исполнува обврските, ниту кон Агенцијата, ниту кон државата и ниту кон македонската јавност.

Веднаш без никакво одложување треба серијата да биде прикажана на некоја од националните телевизии и на овој начин да биде претставена пред целата македонска јавност. Со нејзиното „прикажување“ за скромен аудиториум, серијата само ќе продолжи да ја собира правта во „идеолошкиот антимакедонски бункер“ на актуелната власт.

Исто така, овогодинешното Рациновото признание доделено на Блаже Миневски за романот „Ако се родат некакви чувства“, не Ве амнестира од моралната одговорност, за изоставената поддршка токму на овој роман во рамките на Годишната програма за издавачка дејност на Министерството за култура за финансирање проекти од национален интерес во културата.

Миневски се „дрзнува“ да напише роман за Гоце Делчев и неговата животна љубов Јанка Канавчева, а вашата власт проценува дека, и покрај видливиот книжевен-уметнички квалитет, романот може да ги наруши „братските“ односи со нашиот источен сосед.

Министерке, дали и по привилегијата да ја изгледате првата епизода од серијата „Црвениот поет“, како потпретседател на СДСМ и актуелен министер за култура ги сфативте сторените грешки од цензурирањето на уметноста? Прашуваме, ќе побарате ли одговорност и исполнување на законските обврски од продуцентот и Агенцијата за филм за конечно серијата да ја види целата македонска јавност?

Најнови вести