Во текот на вчерашниот ден бевме сведоци на уште една инструирана акција на оваа власт. Вчера беше извршен претрес во домот на претседателот на партијата ГРОМ Стевчо Јакимовски, со налог дека постои основано сомнение за злоупотреба на службена положба за јавни набавки, две изведени во 2012 и една во 2016 година, истакна Алекдандар Трајановски од ГРОМ.
-Во повеќе од очигледно инструирана и далеко од регуларно пропишана истражна постапка, без точно одредени насоки, припадниците на Финансиската полиција вршеа претрес во три објекти кои по некои наоди се поврзуваат со Јакимовски. Претресот се одвиваше паралелно и симултано во сите 3 објекти без можност адвокатот физички да биде присутен на претресот, иако Законот така пропишува. Надминати се ингеренциите во повеќе наврати во текот на акцијата, што е индикатор дека некој брза за целиот случај да биде спакуван и процесуиран, истакна Трајановски и додаде:
„Невозможно е во еден ден да се спроведе претрес на три различни објекти од каде се прибавени наводни докази и во истиот ден личноста да се спроведе на распит, по што веднаш е спроведен во полициска станица каде што се чека да биде изведен пред судија во рок од 24 часа“.
Трајановски додава дека со самото брзање за приведување на Јакимовски процесот влегува во монтиран процес.
-Покрај овие индиции очекуваме истражните органи и судството дека ќе си ја вршат својата должност прописно, непристрасно и транспарентно во рамки на законот и сите пропишани законски регулативи. Претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски беше, се уште е и во иднина ќе остане еден од најдобрите градоначалници во Македонија. За овој примат не се потребни зборови, говорат делата и проектите кои ги оставил зад него. Ова не е ништо друго освен монтиран процес од страна на СДСМ за да се наруши неговиот углед, угледот на партијата и на Стевчо Јакимовски.
ГРОМ е единствениот субјект кои го отфрли и не го призна Пржинскиот договор, Договорот со Бугарија, со Грција, го бојкотираше референдумот и дека СЈО е продолжена рака на СДСМ.
-Монтирани случаи ниту ќе не заплашат, ниту ќе не поколебаат, напротив ќе не мотивираат дополнително, јасно и гласно да продолжиме во битката и да истраеме. Ве уверуваме дека целото членство го поддржува Јакимовски, истакна Трајановски.