Драган Начевски, кој долги години беше на чело на Судиската организација на ЕХФ, од денеска и официјално е суспендиран на две години, а ќе мора да плати и парична казна. Оваа одлука доаѓа по неколку месечна истрага покрената поради наводните докази за корупција што ги објави данската телевизија ТВ2.
Начевски нема да може да има функција во ниту едно тело на ЕХФ ниту пак да биде дел од било какви активности на оваа организација и ќе мора да плати 5.000 евра казна. Сето ова доаѓа по местенката што ја организираше данската телевизија ТВ2.
Најмен актер го поканил Начевски во хотелска соба во Шведска за време на Светското првенство. Тој се обидува да го навлече Македонецот во местење на ракометни натпревари, но нашиот функционер веднаш одбива.
Тоа сепак беше доволно за челниците на ЕХФ да го суспендираат Начевски. Случајот е поделен на два дела, а оваа одлука се однесува само на фактот дека тој не го пријавил обидот да биде поткупен или да учествува во местење на натпревари.
Останатите правни процедури и истраги во однос на немањето интегритет и обложување и натаму се во тек, велат од европската ракометна централа.