Градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија истакна дека тенденцијата на иселување продолжува и дека општините работат на задржување на граѓаните посебно во руралните средини. Но, владините институции воопшто не се занимаваат со задржување на населението. Моќта на општините не е толку голема како што е на централната власт.
„Во минатото се градеа капитални проекти, инфраструктурни кои што го подобруваа животот на граѓаните, а денес имаме од страна на институциите запоставување. Токму овие институции можеби треба да се позанимаваат со задржување на населението, за да не ни се иселува. Имаме еден навистина поинаков однос по ова прашање од страна на власта. А, ние како локална самоуправа правиме се што е во наша моќ и ингеренции за да можеме да го подобриме квалитетот на животот, да ги подобриме условите на граѓаните. И во оние населени места практично каде што е критична онаа линија на целосно изумирање се обидуваме со разно разни проекти да го стимулираме истото или да го сопреме она иселување“, појасни градоначалникот Паунов.
Тој укажа дека низ низа мерки општините се обидуваат да ги задржат граѓаните. Но, трендот на иселување е одамна популарен во Македонија, а особено во Источна Македонија.
„Тежнееме кон подобро утре, кон подобри услови и со мерките да успееме на некој начин да ги задржиме жителите во своите огништа“, рече Паунов.
Градоначалникот додаде дека општините за да се доближат до европските фондови или да имаат пристап до истите потребно е да се поедностават процедурите.
„Она што е важно е да преку министерството за локална самоуправа се направат нови концепти за разработка на овие фондови, да се понуди стратегија со која што ќе можеме да аплицираме без дополнителни потешкотии. Знаете ние помалите општини од рурален карактер се соочуваме со недостатоци на административци, од стручни служби кои што се неопходни за да се подготват вакви апликации итн.“, појасни тој.
Паунов посочи дека крајната цел преку искористување на ваков тип на фондови се за проекти кои што ќе значат подобрување на животот и запирање на иселување на граѓаните.