сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Втор ден од судењето на Трамп за измама

Втор ден од судењето на Трамп за измама

Во судот во Њујорк, на вториот ден од судскиот процес против Доналд Трамп ќе се прегледува финансиската евиденција на поранешниот американски претседател, која се очекува да трае најмалку една недела за да се утврди дали тие претставуваат доказ за измама.

Се очекува да сведочи сметководителот, кој со години ги подготвувал финансиските извештаи на Трамп.

Се претпоставува дека Трамп и денеска, како и вчера ќе биде присутен во судот.

Судењето е кулминација на тужбата во која обвинителката, демократката Летиша Џејмс го обвини Трамп дека со години мамел банки, осигурителни компании и други, давајќи им документи во кои лажно е наведена вредноста на неговиот имот.

Судијата Артур Енгорен веќе пресуди дека Трамп извршил измама со преувеличување на квадратурата на неговиот пентхаус Трамп Тауер, наведувајќи дека неговиот имот Мар а Лаго во Флорида вреди неверојатни 739 милиони долари и постави слично надуени процени на деловните згради, терени за голф и друг имот.

Судењето, што се одржува без порота, се однесува на шесте преостанати наводи во тужбата и висината на отштетата што Трамп може да ја должи. Џејмс бара 250 милиони долари и забрана на Трамп да работи во Њујорк. Судијата веќе одлучи дека некои од компаниите со ограничена одговорност на Трамп мора да бидат распуштени како казна.