Ракометната репрезентација на Шведска во иднина ќе биде ослабена поради неиграњето на Никлас Екберг, легендарниот крилен ракометар кој објави дека ја завршува кариерата во националниот тим.
Овој 34-годишен ракометар има зад себе 210 натпревари за А-селекцијата, 841 постигнат гол за Шведска и настапи на 13 големи натпреварувања, па Екберг одлучи дека е време за репрезентативна пензија.
„За мене играњето за Шведска секогаш било поголемо од самиот настап на големите турнири. Честа да бидеш избран, да бидеш рангиран како еден од најдобрите во татковината, тоа е фантастично чувство, како и она што секогаш го имав кога ќе го облечев дресот на својата земја. Има толку многу млади и талентирани играчи кои никогаш не ја добиваат таа шанса, јас 15 години бев дел од репрезентациајта и сега е дојдено времето да се каже збогум. Не се сомневам пред националниот тим е блескава иднина, селекторот и неговиот стручен штаб направија извонредна база на играчи со која никој не е незаменлив“, изјави Екберг.