Одбојкарската федерација на Македонија ја продолжи соработката со Олимпискиот комитет на Словенија за проекти поврзани со едукација на спортистите и тренерите.
Откако успешно беше завршена задачата за двојна кариера на спортистите, македонската куќа на одбојката потпиша договор за соработка со словенечките колеги за нов проект со наслов „Финансиска и бизнис писменост на спортисти и на тренери“, поддржан од Европската комисија.
-Идејата е познати предавачи од оваа област да дојдат кај нас и на младите спортисти, на тренерите и на сите заинтересирани да им ги пренесат сознанијата од оваа област, односно да ги едуцираат за тоа какви се можностите, но и опасностите кога се во прашање спортските кариери. Ќе имаме неколку состаноци за да ги утврдиме нашите обврски кон партнерите, а потоа ќе ги реализираме нашите активности, објасни генералниот секртетар на Одбојкарската федерација на Македонија Зоран Карановиќ.
Првиот состанок ОФМ ќе го има во Љубљана кон средината на мај годинава, а потоа ќе биде утврдена динамиката за периодот од 18 месеци во којшто треба да бидат реализирани задачите од проектот.