Како да се вложат заработените пари во активната кариера на спортистите и на тренерите? Како да се сочува интегритетот на спортот? Тоа се двете главни прашања во европскиот проект „Финансиска и бизнис писменост на спортисти и на тренери“ во којшто учествува Одбојкарската федерација на Македонија.
На покана на Олимпискиот комитет на Словенија, претставници на ОФМ во изминатите три дена беа во Љубљана и учествуваа на инаугуралниот состанок за проектот којшто е поддржан од Европската комисија.
-Ова беа првичните разговори на сите партнери на Олимпискиот комитет на Словенија како носител на проектот. Насловот зборува сам за себе, но важен сегмент на целата приказна е и интегритетот на спортот. Всушност, секогаш кога настануваат финансиски проблеми, постои можност да се подлегне на искушенијата да се заработи на нечесен начин преку местење резултати. Тој сегмент, како и финансиите на спортистите беа главна тема на разговорите во Љубљана. Се надевам дека успешно ќе ја завршиме и оваа задача како што беше тоа со претходниот проект за двојна кариера на спортистите, вели Зоран Карановиќ – генерален секретар на ОФМ.
Откако ќе биде утврдена динамиката на активностите, македонската куќа на одбојката ќе организира работилници на овие теми на коишто гости ќе бидат експерти од областа на финансиска и бизнис писменост на спортистите, како и лица коишто се занимаваат со интегритетот на спортот.
Покрај ОФМ и Олимпискиот комитет на Словенија, во проектот учествуваат олимписките комитети на Австрија, на Србија и на Литванија, Универзитетот во Љубљана и Европската Олимписка Академија.