вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

СДСМ донесе неуставен закон за двојазничност, Македонија се редефинира!

-Униформите на полицијата, пожарникарството, здравството, во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик ќе бидат напишани на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо, стои во член 8 од Законот.
СДСМ донесе неуставен закон за двојазничност, Македонија се редефинира!

Со денешното изгласување на законот за употреба на јазиците СДСМ почна со редефинирање на Македонија како бинационална држава.

Со овој закон покрај македонскиот, во институциите службен јазик станува и албанскиот, што ќе се применува во комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт. И покрај укажувањето на експертите, немањето на дебата и носење на овој закон надвор од сите процедури и негово ставање како закон со европско знаме, сепак СДСМ на еден крајно неуставен начин успеа да го донесе овој закон.

Професорката Гордана Силјановска која е еден од најголемите експерти за уставно право исто така смета дека овој закон е неуставен и излегува од неговата рамка.

– Ветувањето на сегашната Влада беше дека пред да пристапи кон донесување на Закон ќе ја консултира пошироката стручна јавност. Тоа не се случи. Ова би го окарактеризирала како право во границите на политиката наместо обратно. Мислам дека е вака, затоа што со закон не можете да смените, ниту да дополните Устав тој мора да има уставен основ, за жал, овој закон ги надминува уставните рамки и е надсвор од рамковниот договор, вели професорката Силјановска

Овој закон превидува дека судовите, јавните обвинителства како и сите други органи, тела и други институции треба да овозможат користење и употреба како и примена на било кој од службените јазици и писма во своите постапки.

Според Уставот на Република Македонија овој закон кој се носи со просто мнозинство почнува да уредува уставни прашања кои се носат со двотретинско мнозинство. Како пример се посочува законот за кривична постапка кој е донесен со двотретинско мнозинство.

Ова најдобро го објаснува професорката Беса Арифи која е најголем подржувач на донесувањето на овој закон.

– Законот за јазиците е закон кој се гласа со просто парламентарно мнозинство во Собранието и тргнувајќи од ова не може да е директен извор во кривична постапка. Но, треба да се инкорпорира во Законот за кривична постапка. Во овој случај судијата секогаш би требало да биде упатен на Законот за кривична постапка. Кога ќе има колизија меѓу Законот за кривична постапка и некој друг закон како што во овој случај е Законот на јазиците, предност секогаш ќе има Законот за кривична постапка. Така што, додека овој Закон не се измени согласно предвидените членови во Законот за јазици, тогаш судијата и по една години не ќе може да му даде предност на Законот за јазиците пред Законот за кривична постапка, вели професорката Беса Арифи.

Ваквиот закон носи и финансиски импликации по буџетот на државата. Се предвидува формирање на посебна Агенција и Инспекторат задолжени да ја надгледуваат примената на овие законски  одредби. Тоа значи дека треба да се отворат илјадници места за преведувачи и толкувачи кои мора да бидат стручни во својата работа и ќе бидат запознаени со правната терминологија.

Агенцијата ќе биде финансирана од државниот буџет и за нејзина работа ќе бидат одвојувани по 1,7 милиони евра годишно. Во Агенцијата покрај овластени судски преведувачи ќе се вработат и лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори. Освен тоа се предвидува и формирање на Инспекторат за употреба на јазиците во рамки на Министерството за правда, а ќе се регулира со посебен закон.

Двојазичност ќе има и на униформите на државните службеници во Скопје и во другите градови каде Албанците се присутни со над 20 отсто од населението.

-Униформите на полицијата, пожарникарството, здравството, во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик ќе бидат напишани на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо, стои во член 8 од Законот.

На албански јазик ќе бидат достапни и поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, фактурите и бандеролите.

Околу јазикот во неколку наврати се произнесе и академик Катица Ќулавкова која ги објасни последиците од овој закон. Таа смета воведувањето на овој јазик не е проблем доколку на цела територија е лоциран албанскиот народ, а не на одредена територија.

Според неа не постојат елементи со кои се оправдува воведувањето на албанскиот јазик за да биде втор државен јазик на цела територија на Република Македонија.

– “Со овој закон се отфрла мултиетничкиот карактер во државата и се наметнува бинационалниот карактер. Со вакви радикални закони на границата на уставноста и противуставните делови од законот за воведување на два државни јазика ќе дојде до непоправливи последици со кои ќе се менува целата структура на органите во Република Македонија и ќе влијае на работењето и функционирањето, рече Ќулавкова.

И книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

На граничните премини на Република Македонија и аеродромите што се наоѓаат на подрачјата каде што најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, називите на институциите, другите натписи и патокази се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Сите органи на државната власт ќе имаат двојазични веб страни. Освен на македонски јазик, содржината на веб страните кои ги модерираат централните институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, ќе биде објавувана и на албански јазик.

Законот стапува на сила веднаш по објавувањето во Службен весник. Од тогаш па натаму сите закони други акти донесени од Собранието ќе бидат објавувани на македонски и на албански јазик.

Истото ова  важи и за одлуките кои ќе ги носи Владата. Она што е нејасно е како овој закон ќе се имплементира со оглед дека на груб начин се обидува да влијае врз законите кои се донесени со двотретинско мнозинство за што во многу наврати предупредуваа експертите.

СДСМ во многу наврати покажа дека не ги интересираат ниту законите ниту Уставот на Република Македонија. Законот за јазици е пример за самоволитето на СДСМ и пример за идните генерации како не треба да се практикува една власт.

Најнови вести