„Епл“ побара од своите партнери на крајот од минатата година да го намалат производството на паметни телефони за 10 отсто од планираниот обем во првиот квартал од 2019 година, сопшти „Никеи“, повикувајќи се на информирани извори.
По втор пат во изминатите два месеци, „Епл“ ги прилагоди своите производни планови за новите модели на „ајФон“, потсетуваат аналитичарите на изданието. На 2 јануари, американската компанија ги предупреди инвеститорите дека нејзината заработка за четвртиот квартал од 2018 година ќе биде помала од очекуваната, а наместо планираните 89-93 милијарди долари, таа ќе изнесува 84 милијарди долари.
По влошувањето на прогнозата за кварталот за првпат по 16 години, „Епл“ испровоцира продажба на нејзините акции на берзите ширум светот. Според „Си-Ен-Би-Си“, во позадина на негативните вести, акциите на компанијата паднаа за речиси 10 отсто, што претставува најголем пад од 2013 година.
Пазарните набљудувачи коментираат дека „Епл“ страда од високото ниво на заситеност на пазарот за паметни телефони, како и од последиците на трговската војна меѓу САД и Кина. Според некои извори, компанијата го намалила обемот на производството на сите нови модели на „ајФон“ – „ИксЕс Макс“, „ИксЕс“ и „ИксАр“, но со различни стапки.
Намалување на производството има и кај постарите верзии на „ајФон“, како резултат на што во периодот јануари-март 2019 година на пазарот ќе излезат околу 40-43 милиони уреди од сите модели на „ајФон“, наместо планираните порано 47-48 милиони единици. Тоа значи над 20 отсто пад во споредба со истиот период минатата година, кога „Епл“ пушти 52,2 милиони „ајФон“ уреди.
Шефот на „Епл“, Тим Кук ја објасни корекцијата во прогнозата за приходите со поголемо од очекуваното забавување на темпото на економијата, особено во Кина. Покрај тоа, Кук ја посочи и трговската војна меѓу Вашингтон и Пекинг. Проблемите на „Епл“, исто така, негативно влијаат врз партнерите на компанијата во снабдувачките синџири.