Американската војска соопшти дека има снимки од мистериозни „Неидентификувани воздушни феномени“ (УАП) попознати како НЛО, но не може да ги објави поради загриженост за националната безбедност, тврдејќи дека „чувствителните“ видеа може да ја компромитираат одбраната на Америка, јавува РТ. Вака Командата за поморски воздушни системи ѝ одговорила на организацијата „Black Vault“ која поднесе барање за објавата на материјалите според Законот за слобода на информации во САД.
„Работната група за УАП одговори и изјави дека бараните видеа содржат чувствителни информации кои се однесуваат на неидентификувани воздушни феномени (УАП) се класифицирани и се изземени од обелоденување во целост“, се вели во писмото.
Се додава и дека ваквата информација „ќе ѝ наштети на националната безбедност“, бидејќи може „да им обезбеди на противниците вредни информации во врска со операциите, ранливостите и/или способностите на Министерството за одбрана и на Морнарицата“.
Pentagon confirms leaked video of UFO buzzing Navy warships is genuine: https://t.co/hpiTPZN0Ww
— ufobot (@ufob0t) September 10, 2022
Барањето на „Black Vault“ дојде набргу откако морнарицата објави три некласифицирани видеа на кои се прикажани НЛО-а, признавајќи дека снимката е автентична, дури и ако е необјаснета. Одговорот на морнарицата дојде по повеќе од две години по објавата. Војската тогаш објасни дека иако претходно објавила снимка, тој материјал веќе бил обелоденет до медиумите и бил „обемно дискутиран во јавноста“.
„Со оглед на количината на информации во јавниот домен во врска со овие средби, беше можно да се објават досиејата без дополнителна штета на националната безбедност“, се вели во писмото.
Чудните глетки снимени на видео од морнари и воздухопловци станаа извор на шпекулации, но владината вселенска агенција НАСА нагласи дека во моментов „нема докази дека УАП се вонземски по потекло“. Сепак, тоа не ја спречи НАСА да се приклучи на ловот на НЛО-а, бидејќи неодамна нарача студија со цел да се демистифицира проблемот, истакнувајќи дека недостатокот на проверливи податоци „го отежнува извлекувањето научни заклучоци за природата на таквите настани“.
Одлуката на морнарицата беше обжалена на суд. Тоа значи дека постојат шанси досиејата да бидат објавени. Меѓутоа, ако се земе предвид „штетата на нацоиналната безбедност“ која ја спомнуваат од Пентагон, тогаш ова тешко дека ќе се случи.
Јавната дискусија за НЛО почна да расте во 2017 година, кога беше откриено дека Пентагон водел проект познат како Напредна програма за идентификација на воздушни закани (ААТИП), чија задача е да идентификува НЛО-а. Трите протечени видеа, снимени од војската помеѓу 2004 и 2015 година, дополнително го поттикнаа интересот на јавноста за чудните воздушни средби, при што пратениците во Конгресот дури одржаа повеќе сослушувања за ова прашање, во некои случаи носејќи воени службеници да сведочат за НЛО-ата.в