петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Технологија

Што се случува доколку астронаут почине во вселената?

Што се случува доколку астронаут почине во вселената?

Опкружени со црнило, истражувачите на вселената мораат да бидат подготвени за бројни непријатности и непредвидливи ситуации. Меѓутоа, што се случува доколку некој почине во вселената?

Патувањето во вселената е секогаш ризичен потфат, кој бара многу вежбање, проби и тестови. Поради тоа не треба да зачудува фактот што од првиот таков потфат во април 1961 година па сѐ до денес загинале 21 човек. Доколку се земе предвид дека во наредниот период се планираат бројни мисии и комерцијални летови, но и сите околности и големиот ризик, се поставува прашањето: Што се случува со телото ако некој почине во вселената?

Сѐ зависи од местото и условите

Лекарот за вселенска и ургентна медицина, проф. Емануел Уркуета од Медицинскиот колеџ „Бејлор“, за The Conversation пишува како тој и неговиот тим во Translational Research Institute for Space Health преземаат бројни мерки на претпазливост за истражувачите на вселената да бидат подготвени за своите мисии и детално опишува што се случува доколку дојде до смрт во вселената.

Ако некој умре за време на мисија што се одвива во ниската орбита на Земјата – на пр. на Меѓународната вселенска станица – екипажот би можел за неколку часа да го врати телото на Земјата во капсула. Но, доколку вакво нешто се случи на Месечината, екипажот би можел да го врати телото дури за неколку дена. НАСА веќе има детални протоколи за вакви немили настани.

Меѓутоа, работите стануваат уште покомплицирани ако тоа се случи на Марс, оддалечен 400 милиони километри од Земјата. Телото може да се врати на Земјата веднаш по завршувањето на мисијата, или попрецизно, во опсег од неколку месеци до неколку години – во зависност од тоа кога настапила смртта.

Во меѓувреме, екипажот веројатно би го чувал телото во посебна комора или специјализирана вреќа за посмртни останки. Постојаната температура и влажност внатре во вселенските летала теоретски би помогнале да се сочува телото. Меѓутоа, во овие случаи цело време зборуваме за опкружување под притисок.

Доколку астронаут би излегол без специјалното одело во вселената, во истиот момент би умрел. Губењето на притисок и изложеноста на вакуум би го оневозможиле да дише, а крвта и другите телесни течности би зовреле.

Можен ли е погреб?

Како што веќе споменавме, ако астронаут умре за време на мисија на Марс, неговите колеги ќе го сочуваат телото во посебна комора или специјализирана торба. Кремирањето во овие услови не е пожелно бидејќи бара премногу енергија што на преживеаниот екипаж му е потребна за други цели. Ниту закопување не е опција, бидејќи бактериите и другите организми од телото можат да ја контаминираат површината на Марс.

 

извор: kajgana.com