Голем број студенти сметаат дека стекнувањето на факултетска диплома и задолжувањето со големи студентски кредити се единствениот начин за вработување во водечките светски компании како Епл, Гугл и Нетфликс.
Меѓутоа, тоа не е секогаш точно. Истакнатите деловни лидери – генералната директорка на Сименс во Америка, Барбара Хемптон и извршниот директор на Епл, Тим Кук, ја преиспитуваат потребата од факултетски дипломи.
Половина од вработените во Епл немаат факултетска диплома
Кук неодамна изјави дека околу половина од луѓето вработени во Епл не поседуваат факултетска диплома. Овој податок се однесува на работниците во САД. Извршниот директор заклучил дека многу факултети не подучуваат вештини кои се потребни на пазарот на труд, како што е кодирањето.
Хемптон ја отфрла идејата дека 4-годишното студирање гарантира спремност за кариера.
“Честопати во огласите за работа се бара факултетска диплома, но во реалноста дипломата воопшто не е потребна за работата за која кандидатот аплицира – тоа само им помага на нашите менаџери да направат некаква селекција за вработувањето”, изјавила неодамна Барбара во Белата куќа во текот на првиот состанок на американскиот Советодавен одбор за политиката на работната сила.
Угледните компании како Гугл и Епл вработуваат работници кои ги поседуваат вештините потребни за извршување на работите, со или без диплома.
Генералниот директор на Епл потсетува и дека нивната компанија ја основал Стив Џобс, човек кој се запишал на факултет и се откажал од истиот. Поради тоа политиката на компанијата е дека не е потребна диплома за некој да биде успешен.