Сопружници од Италија позитивни на коронавирус ја одбележаа својата златна годишнина од брак на одделението за интензвина нега. Малата прослава им ја организирал медицинскиот персонал.
Сандра (71) и нејзиниот сопруг Џанкарло (73) се држеа за раце лежејќи на нивните кревети со маски за кислород на лицата во една од италијанските болници.
За нивната причина за славење, дознала медицинската сестра Роберта Ферети која им ја организирала прославата.
-Сандра плачеше многу, не за неа, туку беше загрижена за сопругот. Тој ми кажа колку многу ја сака, и после толку години поминати заедно. Кога дознав дека им е годишнина, помислив дека тоа мора да се прослави, рекла Роберта.
Забавата траела 10 минути. Тие добиле мали тортички на кои биле ставени свеќи со бројките 5 и 0, но истите не биле запалени поради кислородните боци кои се наоѓале во близина.
-Им ги доближивме креветите, се држеа за раце со и онаа малку силата која се уште ја имаат. Беше неверојатен момент, многу убав, тие минути ни го плаќаат целиот труд и жртва која ја вложуваме овие денови. Тој постојано повторуваше колку многу ја сака, а ние не можевме да престанеме да плачеме. Во воздухот можеше да се почувствува љубовта која секој од нас ја бара, некои и целиот живот, вели медицинската сестра.
Децата на Сандра и Џанкарло, Џанлука и Андреа добиле фотографии од прославата и истакнале дека тоа е прекрасен подарок за нив.
-Нашите родители се родени за да бидат заедно, тие се еден старомоден пар, каков што денеска многу ретко може да се види, велат нивните деца.
Парот набрзо бил тргнат од интензивна нега и се верува дека наскоро мажот и жената заедно ќе бидат отпуштени од болница.