Австралиски турист на Бали направил скапа грешка кога нарачал вечера во ресторан што на крајот го чинела повеќе отколку што платил за целиот свој одмор.
Тој и неговите пријатели решиле да нарачаат шише вино со вечерата. Избрале шише вино од дното на менито: „Domaine Leflaive Chevalier-Monrachet“, гроздобер од 2004 година, по цена од 1,7 милиони индонезиски рупии, или околу 170 австралиски долари.
-Дефинитивно повеќе отколку што вообичаено би платил во Австралија, но тоа беше роденденска забава. Сто и седумдесет долари не се страшни, па му кажав на келнерот, кој направи пауза и ме праша: Дали сте сигурен господине?, изјави туристот, кој признава дека малку се навредил кога келнерот го прашал.
-Му реков да не се грижи мислејќи во себе како може да мисли дека не можам да платам 170 долари за шише вино. Го испивме целото шише и уживавме во вечерата, а во еден момент газдата излезе да не пречека, објаснува Австралијанецот.
На крајот на вечерта ја платил сметката и не обрнал многу внимание. Меѓутоа, кога проверил следниот ден, бил непријатно изненаден.
Тој открил дека виното не чини 1,7 милиони рупии, туку 17 милиони, или речиси 1.700 австралиски долари.
-Таа вечера всушност чинеше повеќе од целиот одмор, додава туристот.