недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Занимливости

Писмо на Кристофер Колумбо за кое со децении не се знаеше каде е, и е вратено на Италија

Писмо на Кристофер Колумбо за кое со децении не се знаеше каде е, и е вратено на Италија

Соединетите Американски Држави го вратија писмото на морепловецот Кристофер Колумбо во Италија, соопшти американската служба за имиграција и царина (ICE).

Писмото е напишано на латински и е едно од 30-те преживеани писма на овој морепловец, со кои тој ги најавил своите експедиции на американскиот континент кај шпанскиот крал Фердинанд и кралицата Изабела во 1493 година. Овие монарси го финансираа неговото патување.

Се верува дека писмото е украдено од венецијанската национална библиотека Марчиана во 1980-тите. Пронајдено е во САД кај приватен колекционер.

Презентирајќи го откривањето на писмото во 2020 година, ICE и канцеларијата на американското обвинителство во државата Делавер истакнаа дека нема сомнеж дека еден колекционер го купил писмото од дилер на ретки книги во 2003 година. Тие не соопштуваат детали како писмото било украдено и како дошло кај трговецот.

Копиите на писмата се исклучително ретки и високо ценети од колекционерите и историчарите. Писмото што беше вратено во Италија е познато како Plannck I. Името е по истакнатиот печатар Стефан Планк кој објавил две изданија на писмото пред 500 години. Кога писмото било пронајдено во 2020 година, канцеларијата на американското правобранителство соопшти дека неговата вредност се проценува на 1,3 милиони долари.

-Ова е четврто оригинално издание на ова писмо кое е украдено во изминатите неколку децении и не би можеле да бидеме посреќни што ќе го вратиме, рече заменик-директорот на ICE, Патрик Џ. Лехлајтнер.

Меѓу другите украдени копии се оние што американските власти ги вратија во Ватикан и во Каталонската библиотека. Пред седум години, Американците вратија копија од писмото на осум страници кое беше земено од библиотеката во Фиренца и беше донирана на Библиотеката на Конгресот на САД.

Враќањето на писмото е дел од пошироките напори на САД за враќање на украдените предмети. ICE објави дека од 2007 година, тие вратиле повеќе од 20.000 случаи во 40 земји и институции. Меѓу нив има уметност украдена од нацистите, египетски саркофази, француски слики, италијански скулптури, фосили од монголски и кинески диносауруси, па дури и човечки останки, пренесува CNN.