По 2008 се зголеми веројатноста дека некој во 20-тите години од животот ќе биде дома со своите родители, а се поголем е бројот на многу старите кои одлучуваат да живат со своите веќе возрасни деца (кои всушност се грижат за нив). Студиите и искуствата укажуваат дека во секојдневието духот на меѓугенерациската соработка е жив и многу добар.
На вообичаено честата „мејнстрим“ тема на либералните и конзервативните медиуми на Западот, а и кај нас: „опасност од должничка криза“, со која се оправдува недостигот на пари за здравствена нега, социјална помош или образование, се надоврза не толку конвенционалната приказна за таканаречениот меѓугенерациски конфликт. Наводно сегашната генерација на постари граѓани трошат ресурси кои би требало да одат за помладите и тоа е причината зошто е опасно да се зголеми јавната потрошувачка.
Во тој контекст особено е индикативен примерот на општински обврзници кои (во недостиг на пари по повеќедецениското намалување на даноците) ги користат стотици области во Калифорнија за финансирање на неопходната (надо)градба на инфраструктурата (особено на училиштата). Имено локалните медиуми биле преплавени со наслови како: „Долг за следната генерација“. Меѓутоа многу економисти покажаа дека идејата дека децата од Калифорнија ќе бидат упропастени по плаќањето на долговите на нивните неодговорни родители не е економски точна. Академците ги отфрлија, во еден дел и идеолошки мотивирани, тврдењата на конзервативците и либертаријанците, недвосмислено покажувајќи дека нема префрлување на товарот на идните жители на Калифорнија (од кои многумина се уште не се ни родени) туку во прашање е преоден трансфер на приходи (познатиот американски економист Артур Пигоу пред 120 години објаснил дека наместо меѓугенерациски трансфери на богатство се работи за трансфери на богатство во сегашноста). Но она што е лошо, покрај високите камати на обврзниците, е што локалните работници и средношколците фактички ќе бидат приморани да исплаќаат добар дел од својот иден приход на мала елита финансиери.
Да се вратиме на момент на наш терен. Да претпоставиме дека Собранието на Србија ќе донесе закон со кој ќе се награди секој граѓанин чие презиме почнува со буквите од А до Љ, на пример со одбивање од данокот на имот (или некој друг даночен облик) вреден десет илјади динари секоја година. Тие пари би се наоѓале од зголемувањето на истите даноци за оние кои се презиваат од Њ до Ш. Јасно е дека тоа нема да ја направи Србија сиромашна затоа што доходот само ќе премине од една група луѓе на друга, додека вкупниот приход нема да се менува. Се разбира ќе се зголеми и онака високата доходовна нееднаквост во Србија но тоа е веќе друга тема.
Слично е и со јавниот долг. Долгот кој е наследен од минатото е всушност само правило кое бара една група луѓе, оние кои не наследиле обврзници со кој е финансиран тој долг, да изврши трансфер кон друга група. Тоа се разбира има редистрибутивни ефекти, но земјата не ја прави посиромашна.
Кога се во прашање земјите кои финансираат долг воглавно со домашно задолжување јасно е дека намерно е пласиран мит за украдена иднина на децата. Таквите флоскули многу често можат да се слушнат во западноевропските држави или во Америка. Меѓутоа добар дел од јавниот долг на сиромашните земји, како што е Србија, им припаѓа на странски доверители. Тоа имплицира дека нашите деца ќе ги наследат и тие обврски (додека обврските кон домашните сопственици на државниот долг ќе бидат чиста редистрибуција на богатството меѓу малку и повеќе богатите Срби). Со оглед на тоа што моменталната генерација наследи огромен надворешен долг од нашите родители уште од времето на Соџијалистичка Југославија, ниту овде нама да биде поважна меѓугенерациската прераспределба. Дополнително, со оглед на тоа што новиот јавен долг во најголем дел ќе се користи за инфраструктура (затоа што на една држава и е многу тешко да добие надворешен заем за тековна потрошувачка; за среќа) идната генерација ќе може да ги користи новоизградените афтопати, пруги, болнички установи, електрани итн.
Значи, државниот долг не е терет за идните генерации затоа што тие во исто време ќе наследуваат и обврзници поврзани со тој ист долг (или друг вид побарувања по основ на тој ист долг) како и долгот, па тоа ќе биде должење меѓу себе.
Факт е дека наредната генерација ќе мора да го преземе долгот од сегашната, но дека и таа следна генерација исто така ќе го „предаде“ долгот на генерацијата која можеби се уште не е родена. Така ќе се покаже дека вистинското богатство на пример на оваа генерација било еднакво на нејзините приходи, корегирани за разликата меѓу вредноста на имотот (капиталот) која го наследила и вредноста на капиталот кој им го оставила на наследниците (се разбира со можност да се врши и меѓугенерациска купопродажба на имот).
На изнесените тези кои го уриваат митот за опасност од задолжување на идните генерации, укажува и емпириски валидниот факт ( кој може да се провери во Медисоновата база на податоци) дека ниту една генерација во модерната историја на Србија не живеела полошо од претходната, изземајќи ги нашите граѓани кој биле директно погодени со драматичниот крах во 1990-тите.
На пример во Австралија, државата на јавниот долг плаќа камати од малку помалку од три проценти годишно на сопствениците на обврзници со кои е финансиран тој долг. Тие обврзници односно долгот во најголем дел го држат деловните банки кои тоа го прават во името на клиентите во земјата или во странство, како и австралиските пензиски фондови. Последично, најголем дел од каматите кој државата ги плаќа по таа основа одат во корист на обичните Австралијанци кои штедат за на пример образование на децата или пензија. Значи оние кои се толку често јавно раздразнети поради „проблемот“ со „меѓугенерациското пренесување на теретот на долгот“ многу веројатно ќе имаат придобивки од тој исти феномен. Следните генерации ќе ја прават истата работа. Значи ниту една генерација не плаќа ниту е оптеретена од потрошувачката на претходната генерација, секоја генерација го плаќа само тоа што го троши.
Разоткривање на митот за интергенерациски судир
„Интергенерацискиот мит“ особено е разоткриен од лево ориентираните економисти кои тоа го гледаат како намерно лажење на јавноста со цел одржување на што пониска јавна потрошувачка, особено на оној нејзин дел кој оди за здравство и школство (додека на пример е обратно со издвојувањата за армијата или кредитните банки). Тие недвосмислено укажуваа дека секоја генерација може слободно да одлучи по пат на избори на своите парламентарни претставници (на пример социјалисти или конзервативци) и нивните политички одлуки колкав дел од ресурсите сакаат да редистрибуираат, односно трансферираат по пат на јавна потрошувачка и со тоа поврзано зголемување на јавниот долг. Тие ја поддржуваат секоја одлука која би го зголемила уделот на работно активното население (на пример по пад на дообразување на популацијата или подобра здравствена нега) затоа што тоа би ги активирало неискористените ресурси (што повторно е последица на политички избори). Најдобра работа која моментално треба да се направи е максимизирање на доходите што значи експанзивна фискална политика ( на пример преку големи јавни инвестиции), и полабава монетарна политика (што подразбира фактичка монетизација на буџетскиот дефицит) се до постигнување целосна вработеност.
На крајот, наводната меѓугенерациска војна, во која пензионерите се пресметуваат со сопствените внуци, всушност не се случува на терен. Моментално, речиси секој петти Американец живее во повеќегенерациско домаќинство (она кое вклучува баби, дедовци и внуци или каде две или три возрасни генерации живеат заедно), што е најголем удел од 1950-тите. Тој процент е значително поголем во „традиционалистичката“ Јужна Европа, вклучувајќи а и Србија. По 2008 се зголеми и веројатноста дека некој во 20-тите години од животот ќе биде во куќа со своите родители, додека се поголем е бројот на многу стари кои одлучуваат да живеат со своите веќе возрасни деца (кои всушност се грижат за нив) студиите и искуствата укажуваат дека во секојневието духот на меѓугенерациската соработка е жив и многу добар. (МИА)