Сончевиот тен на кожата веќе одамна избледна, но со тоа исчезнува и последниот остаток од летното расположение… А, Божиќ и празничните средби со роднините и пријателите се толку далеку што човек не се ни осмелува да прави планови во оваа неизвесна денешнина.
Така, се случува да пропуштаме редовни тренинзи, пијачки по работа, а потоа тука е само нагонот да се падне на креветот во дневната соба и да не се стане од пред телевизорот додека не дојде време за спиење. Знаеме дека тоа не е добро, но се смируваме при сознанието дека и други го чувствуваат истото.
Есенската меланхолија за повеќето луѓе, е безопасна ситуација, којашто се одликува со променливиот свет околу нас. Психолозите често предупредуваат дека понекогаш и не е баш така. Американската психијатриска асоцијација ја смета меланхолијата за подвид на депресивно растројство што може да влијае на многу области од животот на една личност, вклучително и желбата за работа, училиште, па и за дружење и социјализација. Во некои случаи, тоа предизвикува несоница и го зголемува апетитот, а во крајни случаи, се губи и волјата за живот, бидејќи почнуваат потешкотиите во справувањето со секојдневните дејности, пишува „Дејли мејл“.
Салара Стар, која важи за стручњак за здрав живот, ја истакнува важноста на негувањето и управувањето со нашите мисли и стресови. Животот неа ја натерал да ги истражува ваквите појави.
– Пораснав во семејство погодено од алкохолизам, тешки ментални болести и злоупотреба. Моето воспитување во ваква средина ме натера да развијам искривен поглед на светот, што доведе до примери што почнаа да ми го одземаат животот… Па и да избегам од болниот циклус на мојата реалност, сподели Стар.
Затоа, таа советува – човекот секогаш да се потпира, да тежнее кон позитивно размислување, особено кога темните мисли го обземаат.
– Ова не значи дека ги игнорирате случувањата и стресовите во животот, туку дека на некои предизвици им пристапувате на позитивен и попродуктивен начин. Наместо да размислувате за сите работи што може да тргнат наопаку, вежбајте да се сосредоточите на оние нешта што може да одат како што треба, објаснува таа.
Тоа е од суштинско значење за менталната, емоционалната и физичката благосостојба, смета Стар, бидејќи тоа ги одредува нашите реакции и одговори на ова есенско, малку постудено и посиво опкружување. Таа препорачува да одвоиме малку време на почетокот на секој ден, за да ги забележиме конкретните задачи и цели што треба да ги постигнеме. Убаво е тие да се запишат, со рок за нивно исполнување.
– Колку што се појасни и покуси, толку е поголема веројатноста да ги постигнете, а тоа ќе ви даде нешто позитивно на коешто ќе се сосредоточите во текот на денот. Дополнително, кога ќе го сфатите тоа, не само што ќе имате чувство за постигнување на крајот од денот, туку и желба за позитивна визија за вашата иднина на начинот на кој сакате, објаснува стручњакот за животен стил, појасни таа.
Уште еден лек против меланхолија се физичките вежби.
– Безброј пати сме слушнале колку тие се корисни за телото, но многумина од нас се чувствуваат премногу уморни и под стрес за да ги практикуваат. Пешачењето, јогата или возењето велосипед го зголемуваат активноста на невропренесувачите за добро расположение во мозокот и имаат брза делотворност за ослободување од стресот, изјави Стар.
Сериозен фактор е и храната. Се препорачува – ова време од годината да се внесуваат производи богати со витамин Д, бидејќи тој се намалува во организмот поради помалата изложеност на сончева светлина наесен, а и тоа, секако, е поврзано со меланхолијата и падот на расположението.