понеделник, 13. ноември 2023. Вести денес: 0
home Живот и стил

За првпат во историјата: Загадувањето на воздухот наведено како официјална причина за смрт

За првпат во историјата: Загадувањето на воздухот наведено како официјална причина за смрт

Загадувањето на воздухот е важен фактор кој придонесува во влошувањето на астмата, објаснува лондонски патолог.

Британскиот патолог за првпат во историјата на земјата го означи загадувањето на воздухот како причина за смртта. Тој, во долго очекуваната одлука, оцени дека токму тоа придонело за смртта на 9-годишно девојче во Лондон.

„Заклучувам дека загадувањето на воздухот претставува материјален придонес за смртта на Ела Адо-Киси-Дебра во 2013-та година“, изјави патологот Филип Барлоу од лондонскиот округ Саутварк.

Ела Адо-Киси-Дебра почина во 2013-та година од тежок напад на астма после триесетина хоспитализации во изминатите три години поврзани со таа болест. Таа живеела во Луишам на помалку од 30 метри од Саут Сиркулар, една од најголемите сообраќајници во Лондон.

Правосудството во 2014-та година заклучило дека таа починала од акутно затајување на респираторниот систем предизвикано од тешка астма, а не поради загадување на воздухот. Сепак, тие заклучоци беа поништени во 2019-та година, а судот овојпат го ангажираше Стивен Холгејт, британски експерт за загадување на воздухот.

Тој утврдил дека постои врска помеѓу хоспитализациите на Ела и високото ниво на NO2 и лебдечки честички кои го загадуваат воздухот во близина на нејзиниот дом.

Филип Барлоу утврдил дека причини за смртта се акутно затајување на респираторниот систем, потоа астмата од која боледувало девојчето и изложеност на загаден воздух чие ниво ги надминувало препораките на Светската здравствена организација.

Според него, мајката на Ела не била информирана за здравствените ризици, а доколку била, тогаш би презела мерки кои би ја спречиле смртта на нејзината ќерка.

Извор: Точка.мк