Понекогаш, секој родител користи мали лаги со цел да го заштити своето дете. Некогаш е навистина полесно да му кажете лага на детето наместо да го соочите со суровата реалност, но сигурно сте се запрашале дали ова е во ред.
Воглавно, сè зависи од ситуацијата – некогаш е подобро да излажете, но некогаш треба да ја кажете вистината. Па, погледнете кога е во ред да го излажете вашето дете.
Кога е во ред да го излажете детето?
Лаги за охрабрување
Кога детето малку ќе порасне, може подобро да се справи со критиките и да ги искористи за да се подобри. Но додека е сè уште премногу мало, критиките можат да го повредат бидејќи не ги разбира доволно.
Доколку, на пример, вашето дете се обидува да научи некој инструмент но не му оди добро, не кажувајте му го тоа. Обидете се да го охрабрите и да го убедите дека со доволно вежбање ќе стане многу подобро.
Лажење кога реалноста е премногу сурова
Кога вашето дете е многу мало, подобро е да го заштитете ако реалноста е премногу сурова. Доколку, на пример, детето ве праша нешто во врска со убиство или друга чувствителна тема, нема потреба да му ги изнесувате сите детали.
Во спротивно ќе му создадете непотребен стрес за нешто што е надвор од негова контрола.
Лажење за неговиот измислен пријател
Многу родители се прашувале дали е во ред да му дозволат на детето да има свој измислен пријател. Според професионалците, овие измислени пријатели им помагаат на децата да се справат со стресот и полесно да најдат решение на некој проблем.
Покрај тоа, ова им помага да го развијат нивното социјално разбирање. Па ако детето е мало, дозволете му да го има својот измислен пријател. Доколку сепак сте загрижени, најдобро е да се консултирате со професионалец.
Преправање за време на играње
Сигурно и вие како мали сте се преправале дека сте каубој, принцеза или што било додека сте си играле. Професионалците сметаат дека ова преправање е особено важно за когнитивниот развој на децата. На некој начин, ова им помага подобро да ја разберат реалноста.
Детската имагинација е клучна за разбирањето на реалноста, па дозволете му да се преправа дека е некој друг додека си игра. Уште подобро е ако и вие се вклучите во игрите на детето.
Лажење за безбедност
Децата би требало да ги знаат семејните проблеми, но не до тој степен за да им предизвикуваат товар. Доколку имате посериозен семеен проблем, кажете му го на детето само она што мора да го знае, а другото чувајте го за подоцна.
Исто така, понекогаш не треба да криете дека не се согласувате со сопругот, но немојте да му ја кажувате на детето вистинската причина. Можете да му кажете дека имате проблеми, но дека работите на нив.