Банката на Англија денеска ја зголеми референтната каматна стапка на 3,0 отсто од 2,25 отсто, што е најголем раст од 1989 година, но ги отфрли пазарните прогнози за натамошни нагли зголемувања, велејќи дека Британија се соочува со долга и болна рецесија.
Во септември банката ги зголеми каматните стапки во Велика Британија на 2,25 отсто, што тогаш беше највисока стапка во последните 14 години.
И таа одлука, како и сегашната, следеше веднаш откако американската ФЕД ги зголеми каматните стапки на 3,25 отсто, односно во опсег од 3,75-4,0 отсто, што е највисоко ниво од 2008 година.
Банката на Англија предвидува дека инфлацијата ќе достигне 40-годишен максимум од околу 11 отсто во текот на тековниот квартал, а исто така верува дека економијата на Обединетото Кралство веќе влезе во рецесија која може да трае две години, подолго отколку за време на финансиската криза 2008/09 година, пренесува Ројтерс.
Одлуката за денешното зголемување на трошоците за задолжување – најголемото во последните 33 години, со исклучок на неуспешниот обид да се поддржи фунтата на Црната среда во 1992 година – не беше едногласна, со тоа што двајца од деветте членови на Комитетот за монетарна политика на Банката на Англија се залагаа за помали зголемувања на четвртина и пол процентен поен.
– Можеби ќе бидат потребни натамошни зголемувања на банкарската каматна стапка за одржливо враќање на инфлацијата на целното ниво, но до максимум кој е понизок од проценките на финансиските пазари, наведува банката во невообичаено специфичните упатства за инвеститорите.
Непосредно пред одлуката за монетарната политика, пазарите предвидуваа дека референтната каматна стапка ќе достигне максимално ниво од околу 4,75 отсто.
Британскиот министер за финансии Џереми Хант рече дека денешното зголемување на каматните стапки на Банката на Англија ќе биде „многу тешко“ за семејствата со хипотеки низ целата земја и бизнисите со заеми, но дека светската економска криза е во тек.
– Најдоброто нешто што може да го направи Владата, ако сакаме да се намалат овие покачувања на каматите, е да покаже дека го намалува својот долг. Семејствата ширум земјата мора да го балансираат буџетот на домаќинствата, а ние како влада мора да го сториме истото, им рече Хант на новинарите.