четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Македонија

Божиновски: Власта влезе во замката која ја поставија Бугарите, историската комисија Бугарија ја направи како своја политичка алатка за притисок

Божиновски: Власта влезе во замката која ја поставија Бугарите, историската комисија Бугарија ја направи како своја политичка алатка за притисок

„Единствената константа на оваа власт од доаѓањето па се до сега е напорот кој го вложува за оспорување на се она што го правеле 70 години претходно генерациите кои успеале да изградат држава во која живееме сега ние. Власта се обидува сето тоа на некој начин да го поништи“, рече аналитичарот Владимир Божиновски во вечерашното гостување во емисијата „За или против“ на Алфа Телевизија.

Божиновски посочи дека јазикот не е врзан само со државата туку дека тој се говори секаде. Македонски јазик се говори секаде, а не само во Македонија тоа е така и во Грција, Бугарија, Албанија, Србија итн.

„Договори се потпишуваат без око да им трепне. Тажно е но, не ни вреди веќе да дискутираме за тоа. На сите им е јасно, на цел народ им е јасно дека едноставно овие луѓе немаат никаква поврзаност со она што се нарекува Македонија и македонска држава. Едноставно тоа го прават за да добијат некаква придобивка што ќе им донесе лична корист“, рече Божиновски.

Тој запраша зошто Македонија да дискутира со Бугарите за одредени историски личности кои се значајни за Македонија?

„Оваа власт влезе во замката која ја поставија Бугарите и нема што тука да се дискутира со нив. Поставувањето на историската комисија е во една неблагодарна улога која им ја доделија. Историската комисија во ЕУ на пример франко-германската комисија која 60 години функционира дискутираат разни историски периоди и се обидуваат да најдат некакви заеднички погледи во однос на историски прашања“, вели Божиновски.

Божиновски потенцираше дека историската комисијата Бугарија ја направи како политичка алатка за притисок. Членовите од македонска страна во комисијата се доведени во многу непријатна ситуација.

„Јадрото на историската комисија сепак успеа да се одржи и да не потклекне на тие притисоци, се надевам дека ќе издржи уште неколку месеци затоа што после со промена на власта секако дека ќе бидат и самите предуслови поинакви“, изјави Божиновски.