Според кој закон, како и според кој член од тој закон, граѓаните се должни во својот приватен/личен дом да п р и м а т/п у ш т а т лице, макар било и попишувач, и дека ако не го примат ќе бидат глобени до 300 евра?, прашува универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски.
Во продолжение интегрално ви ја пренесуваме целата објава на професорот Цуцуловски:
СПОРЕД КОЈ ЗАКОН? Време е властите конечно да одговорат на следните прашања:
1.Според кој закон, како и според кој член од тој закон, граѓаните се должни во својот приватен/личен дом да п р и м а т/п у ш т а т лице, макар било и попишувач, и дека ако не го примат ќе бидат глобени до 300 евра? Значи, прашањето не ги опфаќа лицата, партиите, здруженијата или организациите кои повикуваат на бојкот, туку единствено лицата, кои (сеедно од кои причини) не сакаат попишувачите да ги пуштаат во својот личен/приватен дом/посед! Односно, граѓанинот не дека не сака да даде податоци на попишувачот, туку едноставно не прифаќа во домот да му влезе попишувачот или кој било друг без судски налог. Притоа, не барам од властите да толкуваат одреден закон или член, туку директно да укажат на него, без какви било толкувања/замаглувања, бидејќи од таквото однесување на сите им е дојдено преку глава.
2. Која е смислата да се одржуваа попис, ако подолго време клучни лидери, од одредени политички партии, отворено (без никаков срам) се закануваат дека резултатите од Пописот нема да ги прифатат, ако не се постигне – што ќе рече, н а ш т е л у в а! – точно определен процент од одредена етничка заедница? Односно, кому е потребен попис во кој однапред би биле познати/определени резултатите? Или сѐ се сведува на политичка трговија, за чие остварување граѓаните на Република Македонија без каква било мера се заплашуваат? Притоа, со ваквите уценувања граѓаните, самите луѓе, се сведуваат на голи броеви. Сепак, луѓето не се бројки/броеви.
П.С. Одржувањето попис во услови на сеопшта пандемија е посебно прашање за кое посебно треба да се одговори и да се о д г о в а р а.
П.П.С. Повикувањето на член 51 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република (с) Македонија од 2021 година, не може да биде бараното објаснување, бидејќи со тој член се санкционираат лицата кои одбиваат да ги дадат податоци што се бараат од нив, а не и оние кои не дозволуваат попишувачот да влезе (повторувам: да влезе!) во нивниот дом/посед, пишува професорот во својата објава.