четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Економија

2017-та катастрофална по странски инвестиции, можно заминување и на постоечките

2017-та катастрофална по странски инвестиции, можно заминување и на постоечките

Лоша година за странските инвестиции во Македонија. Дел од инвеститорите, според најавите – најверојатно ќе ги спакуваат куферите и ќе ја напуштат Македонија. Тоа според економистите, се должи поради лошиот однос на Влада, па така неколку илјади граѓани остануваат без работа. Бизнисмените велат дека ниту најголемите скептици не се сомневале дека земјава ќе падне толку ниско на економски план. Се надеваат дека 2018-та ќе биде подобра и барем малку ќе живне во нагорна линија.

Според Фатмир Бетиќи, намалувањето на странските инвестиции било очекувано со оглед на продлабочената политичка криза, како и најавата за можни санкции од Европската Унија – кои дополнително би влијаеле кај странските бизнисмени да се воздржат од инвестиции во земјава.

Економистите велат дека нефункционирањето на правната држава, селективната правда и непримената на законите се основни причини за отежнато функционирање на бизнисот, поради што инвеститорите се соочувале со загуби.

Велат дека мора да се размислува долгорочно.

Најверојатно, од 2018-та уште три нови фабрики ќе ги затворат своите капацитети. Тоа се должи на лошиот однос од владата кон странските инвеститори, па затоа дел од нив планираат да ја напуштат Македонија и својот капитал да го пренасочат во друга држава.

Две странски компании веќе се пред официјално ставање на клуч на врата. Имаат вработено 2.000 лица, а по затворање – сите ќе останат на улица.

– Имаме огромни забелешки на односот на владата, со која речиси и немаме никаков контакт, на било кое ниво. Нам ни е жал, но доколку продолжат вака работите, ние со сигурност ќе ја напуштиме државата до крајот на годината. За таа цел веќе започнавме разговори со повеќе држави од соседството и регионот, изјавува еден од менаџерите на компаниите кои се пред одлука да се селат.

Покрај тоа што овие неколку компании се пред одлука за затворање на капацитетите, и други се откажале од разговори со владата за инвестирање. Една американска компанија донела дефинитивна одлука да прекине разговори со владата и инвестицијата да ја пренасочи кон Србија. Се работи за инвестиција која во Македонија би обезбедила 1.500 вработувања.

Дека имавме лоша економска година, предупредуваа и дел од експертите кои велат дека сегашната Влада со ваквите мерки може да ја однесе Македонија во рецесија. Најавата на странски инвеститор кој капиталот планирал да го вложи во Македонија, а сега го пресели во соседството, според ВМРО ДПМНЕ е знак на непознавање на целиот процес за водење странски инвестиции. Според Кристијан Делев, испраќањето лоши сигнали ќе се придонесе светските инвеститори да ја тргнат Македонија од инвестициската мапа.

Во изминатиот период „Вистеон електроникс“ ги спакува куферите и ја напушти Македонија, во „Веибо груп“ се делеа откази, а холандската „Стил кон“ се соочува со загуби и доцнење на плати.

Од почетокот на 2017, во Македонија влегле скромни 45 милиони евра во првите 9 месеци, за разлика од 2016-та кога влегле 358 милиони евра, односно во времето на претходната владејачка гарнитура. Сега, серијата мерки кои минатите години даваа резултати за привлекување странски инвестиции заминуваат во историјата.