Како централна банка постојано работиме на обезбедување среднорочна ценовна стабилност. Тековното затегнување на монетарната политика има за цел да придонесе за намалување на инфлациските очекувања и стабилизирање на инфлацијата. Како резултат на постепеното намалување на цените на примарните производи, но и на мерките преземени досега, од ноември се забележува постепено забавување на инфлацијата, во услови на задржана стабилност на девизниот курс и на финансискиот сектор, рече гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, говорејќи на панел-дискусијата под наслов „Фискални, монетарни и даночни политики во време на криза“, во рамките на годишната владина конференција, насловена „Година на нови можности“.
Ангеловска-Бежоска во своето излагање рече дека сме сведоци на најсинхронизираниот одговор на централните банки ширум светот преку затегање на монетарните политики за стабилизирање на инфлацијата, посилен во споредба со 70-тите години. Таа посочи дека иако не станува збор за стандарден шок на побарувачката, поради високите стапки и дисперзирноста на инфлацијата, централните банки немаат друг избор освен да ја затегнуваат монетарната политика, додека видот на инструментите и силината зависат од монетарната стратегија, инструментариумот и одделните фактори коишто влијаат врз инфлацијата.
„Со оглед на нашата монетарна стратегија на стабилен курс на денарот, поставеноста на нашата монетарна политика зависи од два клучни фактора ‒ состојбите на девизниот пазар и притисоците на курсот и инфлациските движења. Првите притисоци во овие два сегмента беа забележани со појавата на енергетската криза кон крајот на 2021 година, кога започна нашата реакција, преку постепено намалување на ликвидноста со интервенции на девизниот пазар. Продолживме со зголемување на основната каматна стапка, но и на каматната стапка на депозитите преку ноќ, седумдневните, кредитите преку ноќ, каматната стапка на репо-операциите. Во неколку наврати направивме измена кај инструментот задолжителна резерва, преку што се делува и на циклусот на затегање, но и се поттикнува процесот на денаризација и зеленото финансирање, а сето тоа придонесува за поддршка на стабилноста во економијата. Во основа, ние сме во групата земји коишто меѓу првите почнаа со интервенции, уште во 2021 година, користејќи многу поширок спектар инструменти, а не само основната каматна стапка“, рече гувернерката.