До крајот на годината јавниот долг нема да достигне ни 60 отсто од БДП, иако предвидувавме да биде 65,6 проценти, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Бесими се јави за збор веднаш откако претседателот на Комисијата Бојан Стојаноски го квалификуваше Предлог-буџетот за 2023 година како историски највисок и нереален.
-Прелиминарните проекции се дека јавниот долг до крајот на годинава ќе биде 58,5 отсто. За 2023 година, со доза на резерва, можам да кажам дека ќе биде 60,6 отсто, 62,1 процент или 60,9 отсто, додека во 2026-та и 2027 година се проектира на 58,4 или 57,8 отсто од БДП. Кога зборуваме за висината на Буџетот, се спомнува дека е историски најголем. Тоа е факт, но секоја година растеме економски. Тоа што коментираме тука, повеќе е од аспект на растот, политиките што ќе го поддржат растот и како дефицитот да не се зголеми. Мислам дека овој Прелодг-буџет тоа го овозможува, истакна Бесими.
Во врска со обвинувањата на Стојаноски дека земјава е водечка во регионот по сиромаштија, министерот рече дека има други бројки.
-Јас имам други бројки за сиромаштијата од ЕВРОСТАТ, кои од 2015 година наваму одат надолу за нашата земја. Последните, за 2020 година, се 32,6 отсто што е помалку од Црна Гора, Албанија, Бугарија и Турција, напомена Бесими и заклучи дека земјава има стабилни јавни финансии, во рамки на дозволеното на среден рок.