Првиот финансиер Фатмир Бесими морал да ги зголеми платите за ресорното министерство да не остане без вработени.
Ова е образложението на Бесими зошто вработените во оваа институција од јануари добија 30% повисоки плати. Министерот се пожали дека минатата година 40 откази пристигнале на неговата маса и бројот на вработени се преполовил. Биле 700, а сега се 400. Тврди дека неговите вработени земале и пониски плати од оние институции кои се во состав на министерството како УЈП и Царина.
„ Да го оставиме МФ без вработени, да немаме буџет воопшто, да не работи никој. Тоа ли е прашањето? / Лани 40 луѓе го напуштија МФ надвор од тоа што беше планирано со пензионирањето. Огласите што ги гледате бидејќи надвор од тоа во планот за човечки ресурси во буџетот на МФ, луѓето го напуштаат Министерството. Доаѓаат раководители на сектори, даваат отказ, едноставно си одат. Многу работа, на друго место добиваат можности за подобри услови. При огласи нема соодветни кадри што се пријавуваат.“ изјави Фатмир Бесими,министер за финасии.
Освен финансии, повисоки плати добија образование и одбрана. Според Бесими ова е привремено решение додека законски не се стави ред во јавниот сектор.
Евроамбасадорот Дејвид Гир очекува администрацијата во земајва да се унапреди. Вели потребно е време, но без добра јавна служба државата не може да оди напред.
„Има големи слабости во системот, тие слабости се идентификувани во извештајот за земја. Ние тесно соработуваме со државната служба за градење на нејзин капацитет. Бидејќи без ефикасна јавна служба нема никаде да стигнеме и затоа е приоритет. Затоа во процесот на пристапување има основи кои мора да се оценуваат од сам почеток до крај.“ кажа Дејвид Гир.
Ред со платите во јавниот сектор ќе се става со Законот за плати, со кој е предвидено – за иста позиција вработените во јавниот сектор да имаат иста плата. Предвидено е примањата да бидат хиерарсиски подредени, а највисока да зема претседателот на државата, која во моментов изнесува 93 000 денари.