Во овој момент нема поголем проблем за македонската економија од цената на струјата. Владата мора да најде избалансирани решенија кои ќе му овозможат на бизнис секторот да преживее. Ако тоа не се случи, многу фирми ќе се затворат и ќе се изгубат голем број работни места. Доколку луѓето останат без плата, нема да можат да ги платат сметките, колку и да се тие субвенционирани од Владата, порача денеска Стопанска комора.
Според Комората, потребна е итна реакција зашто времето поминува, а ризициите се зголемуваат.
Комората очекува нејзините предлози оваа недела да бидат разгледани во Владата, но и да бидат прифатени.
-Пред мене имам конкретни податоци за сметката за струја на една компанија членка на Комората. Иако во јули годинава компанијата потрошила помалку струја од јули минатата година, сметката за струја годинава ѝ е речиси шестпати поголема во однос на јули минатата година. Лани за јули платила околу еден милион денари, а годинава за јули вкупно шест милиони денари. Кој бизнис сектор ќе го издржи ова и до кога?, рече потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски.
Повикувајќи се на податоците од Централниот регистар, тој нагласи дека во 2021 година од трговскиот и од регистарот на други правни лица се избришани 6 995 правни лица, а во 2022 година, согласно моментно објавените податоци, веќе се избришани 5.324 правни лица.
-Со оваа динамика на бришење, годинава ќе се избришат повеќе правни лица од лани. Со вакви цени на струјата, уште колку компании ќе го стават катанецот на вратата во периодот што следува? Владата треба побрзо да ги прифати предлозите на Комората. Потребна е итна реакција зашто времето поминува, а ризициите се зголемуваат. Цената на струјата е најважното економско прашање и во моментов прашање за опстанок на македонскиот бизнис сектор. Затоа очекуваме Владата што побргу да ги прифати предлозите објавени во повеќе наврати од Стопанската комора и да преземе чекори за нивна примена. Комуникацијата со Владата постои, но нашите сознанија се дека оваа недела ќе биде разгледано ова прашање. Се надеваме дека ќе се согласат со нас за сериозноста на проблемот, рече потпретседателот на Комората, подвлече Јовановски.
Тој потсети и дека прашањето за цената на струјата не е актуелно само сега, туку е важно и за во иднина. Според расположливите податоци, пак, од разни извори, цената на струјата за компаниите во сите други земји од регионот е пониска од нашата, а тоа ги прави нашите компании ценовно неконкурентни. Оттука, цената на струјата не е само тековно актуелно прашање, туку е и прашање на долгорочна конкурентност.
-Цената на стрјата во сите други земји од регионот е пониска од нашата, поради што нашите компании се ценовно неконкурентни, посочи потпретседателот на Комората.
На новинарско прашање за мерките за штедење струја што ги воведе Владата со кои е опфатено и стопанството, тој одговори дека „никој не треба да им каже на компаниите дека треба да штедат“.
-Во нивен интерес е трошоците да ги сведат на минимум и тоа сите го прават, рече кусо Јовановски.
На прес-конференцијата во Комората тој уште еднаш кажа дека 40 – 45 мегавати фотоволтаици се инсталирани или се инсталираат и се уште чекаат приклучок на мрежата.
-Постои можност да се зголеми домашното производство и бизнис секторот да вложи во тоа, но мора да се тргнат административните пречки, подвлече Јовановски.