Текстилната индустрија на удар од пандемијата. Локдаунот во Германија и во останатите земји на ЕУ, каде што македонските компании од овој сектор извезуваат останаа без традиционалните нарачки. Магацините, моловите, бутиците се полни со стока, за да се добијат нови нарачки за шиење кошули, панталони, здолништа ќе мора да се почека, кога тамошните економии ќе заживеат и ќе се вратат во нормала. Проценките се дека службените бели кошули повторно ќе се шијат по две години.
Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи, а воедно и менаџер на светиниколската конфекција „Мода“, која е и најголемиот работодавач во оваа градче, во срцето на Овче Поле во интервју за МИА вели дека за спас на оваа индустрија и на 10.000 работни места потребен ќе е седми пакет на мерки. Забележува дека ситуацијата е комплексна и има разлика од компанија до компанија.
-Прво ова што задоцни петтиот сет на мерки, можеби нема да направи голем проблем, ако компаниите сега ги добијат овие средства, бидејќи ние сите поднесовме барање и гледам дека нашите барања се уште не се одобрени. Затоа што во УЈП претпоставувам има многу барања, коишто мора да се обработат, да се проверат податоците, критериумите дали ги исполнуваат, а од друга страна во УЈП сега нивните ИТ техничари имаат многу работа, во исто време се прават пресметките за одредена добивка во 2020, за враќање на помошта дел, лани што е земена. Така што ние како работодавачи мора да бидеме свесни за тоа, дека неколку дена ќе задоцни, но многу е важно помошта да се добие, бидејќи загубите што ги остваривме овој период, навистина се огромни. Сега ја правев анализата за трите месеца, 300.000 евра имаме помалку приходи во споредба со лани во овој истиот период. Загубата е над 100.000 евра, сето она што се случуваше на германскиот пазар, големиот локдаун, навистина влијаеше на нашите компании, од друга страна ситуацијата и понатаму е многу неизвесна, никој не може да каже дали во Германија за еден или два месеца ќе почне да се отвара нивната економија или дали тоа ќе трае и понатаму. Имав разговор со една бизнисменка од Штип, која работи за Германија, таа е многу уплашена, бидејќи нивните газди велеле дека до септември нема шанси да се отвори, заради зголемиот број заразени во Германија. Гледаме дека во Германија вакцинацијата оди многу споро и многу мал процент се вакцинирани, вели Димитров.
Во овој период кои текстилни компании можат да преживеа?
-Јас верувам дека компаниите кои работат работна облека, кои работат на тендери ќе обезбедат работа. Така што, ние еве сега правевме мустри за Дојче банк, за германската Железница, работиме и за полицијата во Германија, за војската во Австрија, додека онаа службена облека, белите кошули, коишто ги носат луѓето на работа се стопирани целосно и можеби две години нема да произведиме ниту едно парче. Затоа што магацините се полни и сигурно дека оваа тенденција, за да некои работни места да останат да работат од дома ќе продолжи по завршување на кризата. Така што одредени артикли ќе ги немаме во производство или многу ќе се намалат. Работата е што некои компании воопшто и немаат работа. Значи, исто како што се угостителите затворени, со мерките, нашите компании се затворени целосно заради немање налози, предизвикани од големиот застој во Германија, има такви компании, кои ми се јавуваат од Делчево, Пехчево, Македонска Каменица, кои навистина бараат работа, помош и ние не можеме да им помогнеме. Така што ќе биде неопходен и седми пакет мерки, не шесттиот пакет, кој е за угостителите, организатори на свадби и таа нивна помош е малку поинаква, од онаа што ние досега ја добивавме. Нашата помош за исплата на плати е пресметана, се калкулира врз база на работниците, коишто ги имаме и процентот на изгубени приходи.
Зошто на македонските текстилни компании им е потребен седми пакет на мерки?
-Затоа што ако ние ја земеме помошта само за февруари и март, а април, мај и јуни најверојатно ќе бидат исто така многу катастрофални, за тие три месеци, барем од нив за два месеца да се добие помош, компаниите нема да паднат во многу големи финансиски проблеми. Знаете што е размислувањето на бизнисмените, ако земам помош за февруари и за март. Тоа значи дека април и мај не смее да напушти работници, а ќе нема ниту еден работен ден или ќе работи со 50 отсто од капацитетите, ќе создаде огромни загуби, бидејќи ги држи сите работници, ќе исплаќа плата, а ќе нема веќе нова помош. Значи идната загуба по петтиот сет на мерки ќе биде исто така многу голема. Јас верувам дека Владата ќе ги направи, тие анализи и колку и да е тешка ситуацијата со буџетот, или со долговите на Македонија, уште потешка ќе биде ситуацијата, ако се напуштат луѓето и ако се затворат компаниите.
Според вашите анализи, доколку не се донесе седми пакет на мерки, колку работници ќе останат на улица од текстилната гранка?
-Јас верувам дека најмалку 30 отсто од вработените во текстилната индустрија, а тоа значи околу 10.000 луѓе ќе останат на улица, ако прво ситуацијата продолжи и понатаму вака, ако локдаунот во Германија трае до крајот на јуни и ако нема помош за април, мај и јуни, бидејќи оваа помош е само за февруари и март.
Спомнавте дека сте правеле анализа за вашата фирма, но дали и како Организација на работадавaчи имате правено анализа за колкави се загубите во текстилната индустрија, во изминатите три месеци ?
-Јас овие мои лични анализи ги правам и врз основа на контактите со компаниите во текстилната индустрија. Тие секојдневно се јавуваат кај мене и прашуваат за мерките, кога ќе стигне помошта, дали истата ќе стигне, дали е подобро да напуштам работници и да се откажам од помош. Можеби ќе немат помош, но понатаму ќе нема нови трошоци, или ако земе помош, тогаш трошоците за следниот период му остануваат. Во тој случај мора да ги задржи работниците, ако не ги задржи ќе мора да ги враќа со камата тие пари. Обврските се ако земеш помош се исто така многу големи. Така што компаниите мора секоја поединечно да си направи добра анализа, што ќе прави. Некои од нив да речеме се уплашени за идната состојба и се одлучени да не земаат помош и затоа откако УЈП ќе ги добие сите барања за финаиска помош за февруари, март, тогаш точно ќе знаеме колку компании се уште се борат со кризата и настојуваат да преживеат, бидејќи тие компании, на некој начин преземале обврска дека до крајот на мај нема да напуштат работници, а колку од нив, што нема да конкурираат, а имаат страшен пад на приходите, кренале раце и фактички почнале да напуштаат работници и најверојатно се зависи од тоа дали имаат работници на определено работно време, кои ќе ги напуштат без никакви трошоци, или имаат работници на неопределено работно време. Тогаш мора да ги прогласат технолошки вишок и да им исплатат плати на работниците, тие што имаат работници над 25 години и до седум плати. Тоа се исто така огромни трошоци, на некои компании, на пример целата компанија не вреди, колку што изнесува таа отпремнина за исплата на технолошки вишок. Целата трудоинтензивна индустрија, текстилство, кожарство, производството на мебел се многу интересни, затоа што вредноста на капиталот на компанијата е минорен, во однос на приходите, што ги прави. Кога не работат тие компании, скоро и да не вредат ништо. Мене ми е жал, но може да се случи работодавачот, кога ќе види дека треба да ги напушти работниците, а нема пари да им ја исплати отпремнината, може да рече еве ви ја фабриката, стечај и стечајниот управник нека продава и нека ви дава, колку што има, толку.
Дали тоа значи дека Владата може да ви даде мала надеж ако седне со вас и ги слушне вашите аргументи за седми пакет на мерки?
-Па видите, откако Владата ќе ги види бројките за овој пакет, колку компании, поднесоа барања, мислам дека веќе може да направи анализа за седмиот пакет на мерки, се разбира и помош следува и треба да добијат само оние, коишто имаат големи проблеми во работењето и ако сакаме да ги задржиме работниците и ако сакаме да останат живи компаниите и да не се случи стечај, ликвидација, тогаш е неопходен седми пакет на мерки.
Колку од работодавците од текстилниот сектор размислуваат за преорентација на своите бизниси, едноставно да ги затворат овие фабрики и парите да ги инвестираат во нови бизниси?
-Станува збор за преструктуирање на производството. Ние да речеме во изминатите 20 години сме работеле работна облека или женски блузи, сме работеле само машки кошули и за тоа сме биле специјалисти. Во овие вакви услови од лани почнавме да работиме и женски блузи и работна облека. Значи мора да има преструктуирање внатре во самото производство или да речеме дека само во машките кошули има големо преструктуирање, процентот на онаа бизнис кошула е скоро нула, а сега единствено наоѓаме надеж единствено само во кежуал облеката, за слободно време. Луѓето кога работат од дома, излегуваат поручек и и носат таква кошула. Но, вложувањето на капиталот во други индустрии, сигурно дека многу од компаниите и веќе многу од газдите од текстилната индустрија и сериозно размислуваат, како решение ако целосно го затворат текстилното производство, ако да рече бројот на работниците пред три години му бил 300, а сега 50. Тоа е многу полесно, да ги напушти сите работници и ако му остане капитал, зборувам за компаниите кои во минатото издвојувале резерви и имаат акумулирани добивки. Оние компании, кои чекале во банка да дојде прилив за да земат плата, тие компании не верувам дека ќе преживеат.
Викторија Димитрова-Јованова