Државниот завод за ревизија во денеска објавениот конечен ревизорски извештај кој се однесува на Министерството за труд и социјална политика изразува „неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи“ и „мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2021 година“.
Цел на ревизијата на финансиските извештаи и ревизија за усогласеност на Министерството за труд и социјална политика за 2021 година, како што се наведува во Извештајот објавен на веб страницата на Државниот завод за ревизија, е да се добие разумно уверување за тоа дали финансиските извештаи земени како целина се ослободени од материјално погрешни прикажувања.
Во клучни утврдени состојби во извештајот се наведуваат начинот на остварување на правата на парична помош од социјална заштита, распределбата на блок дотациите по општини, начинот на изборот, критериуми за избор, потребните квалификации, правото и висината на надоместокот на комисиите, пописот на средствата, побарувањата и обврските со кои располага МТСП не целосно и правилно извршен и не целосно евидентирани материјални средства.
Во извештајот како клучни препораки се посочуваат воспоставување повремени/редовни контроли при носење на решение од страна центрите за социјална работа, да се уреди начинот на критериумите за избор, потребните квалификации, правото и висината на надоместокот на комисиите и да се спроведе целосен попис и евидентирање на целокупната опрема која не е евидентирана.
Како клучни системски слабости, пак, се истакнуваат средствата остварени од приредувањето на игри на среќа и забавните игри, кои Владата ги распределува врз основа на програма поднесена од страна на МТСП и непостоење на критериуми и начин на утврдување на висината за остварување на право на додаток на плата на ангажираноста на административниот кабинетскиот службеник.
Во извештајот што го објави Државниот завод за ревизија се додава и дека не се добиени забелешки на нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор.