четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Економија

Граѓаните со многу зголемени трошоци за живот во 2022, сметаат дека Македонија не е подготвена да се справи со енергетската криза

Граѓаните со многу зголемени трошоци за живот во 2022, сметаат дека Македонија не е подготвена да се справи со енергетската криза

Над половина од граѓаните сметаат дека Македонија не е подготвена да се справи со енергетската криза која не очекува во наредниот период, покажува последната анкета која за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според неа, 57,9% од анкетираните се на ставот дека не сме подготвени за справување со енергетската криза, додека 32,6% делат став дека сме подготвени. Анализата на етничката структура на испитаниците по ова прашање покажува дека Албанците се поголеми оптимисти од Македонците. Мнозинството Албанци се на ставот дека сме подготвени да се справиме со кризата. 61,5% од Македонците и 44,4% од етничките Албанци се убедени дека не сме подготвени за кризата, додека подготвеност регистрирале 28,5% Македонци и 47% етнички Албанци.

Сепак, мнозинството граѓани или 51,1% од анкетираните очекуваат земјава да има доволно енергенси за да ја помине зимата, наспроти 35,3% кои стравуваат дека енергенси нема да има.

Мнозинството граѓани очекуваат цената на енерегенсите да продолжи да расте и оваа година. 27,5 очекуваат големо зголемување, а 36,3% очекуваат цените донекаде да се зголемат. 15,8% не очекуваат промени а 9% очекуваат донекаде да се намалат. Само 2,1% од анкетираните очекуваат цените на енергенсите да се вратат на нивото од пред кризата.

Споредено со земјите од регионот над половина од граѓаните или 51,2% сметаат дека Македонија полошо се справува со недостигот на енергенси поради војната во Украина.

Разлика не гледаат 30,4% од анкетираните а 7,5% сметаат дека земјава подобро се справува од земјите во регионот. Меѓу оние кои што водат бизнис 60,5% рекле дека државата полошо се справува со недостигот на енергенси во споредба со земјите од регионот. Таков став делат и 90% од анкетираните земјоделци.

55,4% од граѓаните велат дека мерките за штедење на енергија кои ги воведе владата за да се намали потрошувачката не даваат резултат, додека 37,6% сметаат дека тие имаат ефект. Меѓу граѓаните кои водат бизнис или се самовработени 68,4% сметаат дека ефект од штедењето нема, став кој го делат и сите анкетирани земјоделци.

Мнозинството граѓани или 49,1% велат дека месечниот буџет со кој располагаат не им е доволен за да им ги покрие основните месечни потреби за живот, додека таков проблем немаат 48% од анкетираните. Над 80% од анкетираните велат дека трошоците на нивното семејство лани биле зголемени. 54,4% велат дека имале многу зголемени трошоци а 28,3% донекаде зголемени. Без поголеми промени велат дека поминале 13,4% од анкетираните, 1,5% велат дека имале донекаде намалени трошоци а многу големо намалување на почувствувал никој.

Истражувањето на јавното мислење за потребите на емисијата Детектор го направи Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) на репрезентативен примерок од 1.119 испитаници преку телефонска анкета реализирана во периодот од 23 до 26 декември.