Владата планира во буџетот за догодина да инкасира 6,4 отсто повеќе пари од даноци споредено со даночните приходи годинава. Во година во која ќе се смени даночниот систем и ќе се воведе прогресивното оданочување даночните приходи ќе се зголемат за 7,3 милијарди денари односно нешто над 118 милиони евра, додека ефектот само од прогресивното одночување е 1,5 милијарди денари. Во истата година Владата планира неданочните приходи да се зголемат на годишно ниво за дури неколкукратно повеќе од даночните или тие следната година се очекува да бидат 24 отсто повисоки од неданочните приходи годинава.
Даночните приходи за 2019 година се планирани во износ од безмалку 122 милијарди денари. Годинава беа позиционирани на 115 милијарди денари или 7,3 милијарди денари помалку. Најголемо учество во планираните даночни приходи има данокот на додадена вредност и тоа 42,8 проценти, додека на акцизите отпаѓаат 22,4 отсто.
„ Од 2019 година е предвидено воведување прогресивен данок на личен доход, со кој лицата кои имаат повисок доход би плаќале данок на доход по повисоки маргинални стапки. Воведувањето на прогресивниот данок се прави со цел да се намали доходовната нееднаквост во Македонија, која е моментално меѓу највисоките во Европа, како и со цел да се обезбедат дополнителни буџетски средства за вложувања во јавни услуги и инфраструктура. Ефектот во Буџетот од воведувањето на прогресивниот данок на личен доход изнесува околу 1,5 милијарди денари, велат од Министерството за финансии во образложението на буџетот.