Плаќањата од страна на граѓаните во трговијата со платежни картички издадени од издавачи во земјата, во вториот квартал од годинава бележат годишен раст кај вредноста и бројот на остварените трансакции од 22,9 проценти и 17,8 проценти.
Годишен раст од 18,3 проценти има кај трансакциите на физички места на продажба и 12,6 проценти на интернет продажните места во споредба со вториот квартал лани.
– Овие податоци укажуваат дека граѓаните и натаму сè повеќе ги користат дигиталните канали за вршење на плаќањата, велат од Народната банка.
Од аспект на плаќањата со кредитен трансфер, во вториот квартал од годинава забележан е годишен раст од 14 проценти кај вредноста на трансакциите, односно 5,5 проценти кај бројот на извршените трансакции, во споредба со истиот период лани.
– Граѓаните и понатаму ги користат придобивките од електронското банкарство при иницирањето на кредитните трансфери. Така, бројот на електронски иницираните кредитни трансфери во вториот квартал од 2022 година се зголемил за 11 проценти на годишна основа. За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле мобилните апликации (раст од 19,9 проценти на годишна основа), што повторно укажува на натамошно менување на навиките при извршувањето на плаќањата во прилог на користењето на дигиталните канали за плаќање, информираат од Народната банка.
Во првото полугодие на годинава, кај граѓаните е остварен годишен раст на вкупниот број на плаќања со платежни картички и кредитни трансфери од 15,1 процент, односно 10,9 проценти. (МИА)