петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Економија

Грозданов: Каква е улогата на Бучим за негативната перцепција за нови инвестиции во рударството?

Грозданов: Каква е улогата на Бучим за негативната перцепција за нови инвестиции во рударството?

Аналитичарот и металуршки инженер Виктор Грозданов, во колумната насловена „Бучим помеѓу лагите и фактите“ се осврна на евентуалната поврзаност на оваа компанија со останатите инвестиции во рударскиот сектор во земјава. Меѓу нив и онаа за отворањето рудник за бакар во Иловица, зад која стои канадска компанија. Претходно веќе стана јасно дека Бучим имал понуда до „Еуромакс ресоурцес“ за соработка при рударскиот процес во Иловица, која била одбиена.

Во неа, се наведува дека со понудата на Бучим би можела да се овозможи поддршка од локалното население, еко-активистите и институциите за рудникот во Иловица. Според Грозданов никој од Македонија нема правен основ да ветува или да заштитува обид за задржување монопол врз одредена стопанска гранка во овој случај рударството.

-Уште помалку има право да ветува дека тоа е завршена работа преку изјави на неодговорни општественици и неодговорни и крајно сомнителни документи од научно образовни институции како што е МАНУ. Македонија за нивна жал во одредени сегменти се уште е организирана држава која има сериозни научници кои знаат и можат и мораат да се вклучат во процесот кој се вика „Целосна Индустријализација“, која ќе ја преобразат Македонија во „Производствено“, а не во „Потрошувачко општество“ кое ќе биде увозно зависно, особено за основните животни производи, пишува Грозданов.
Грозданов оценува дека овој период сме сведоци на општествен судир меѓу носителите на подолго време пласираните манипулации и лаги од една страна и носителите на вистината за рударските околности од друга страна.

-Здраво разумните стануваат се погласни пред неуките силеџии, и апелираат до оние исплашени аналитичари, политичари, новинари, екологисти, дипломати, научници…да не молчат, бидејќи влогот е преголем. Зошто некому му пречи Македонија да влезе во ЕУ како рударски економски џин? На граѓаните на оваа Држава треба да им се објасни дека нашата почва лежи на милијарди евра во рудно богатство! Сите заедно треба да кажеме СТОП на сиромаштијата! Нема никој повеќе да не држи во заложништво, смета Грозданов.

За аналитичарот, секторот за односи со јавност во Бучим, кој е во сопственост на компанијата „Солвеј инвестмент груп“ направил сериозен фаул со последниот демант.

-Наслов во медиум предизвикан од демант, како од соништата за мене: „Солвеј Инвестмент Груп е семејна компанија со седиште во Швајцарија. Матичната компанија на Бучим отфрла секаква поврзаност со Русија“. Во делот на нивните факти од демантот велат дека Солвеј никогаш не бил контролиран или во сопственост на руски државјанин, туку дека е основана од Александар Бронштајн, државјанин на Естонија, кој никогаш немал руски пасош и ја осудува руската инвазија на Украина. Бидејќи помнењето многу добро се уште ме држи, веднаш ми доаѓа демантот да го секцирам со мајтап.

Тој потсетува дека во 2012 година имало средба помеѓу Зоран Ставревски- министер за финансии и амбасадорот на Руската Федерација, Олег Николаевич Шчебрак кој тогаш изјавува дека големи руски компании покажуваат зголемена активност и набројува инвестиции меѓу кои и онаа на Солвеј во рудниците Саса и Бучим од 50 милиони долари и најавува потенцијал за размена од 1 милијарда долари.

-Симптоматично тогаш не се јавила потреба за демант од Солвеј. Средба 2019 година по повод јубилеј 40 години од постоењето на Бучим помеѓу амбасадор на Руската Федерација Сергеј Баздникин, заедно со Владимир Хрисанов, трговски советник при амбасадата, во придружба на Ѓорги Дика претседател и Дејан Бешлиев – извршен директор, двајцата од македонско-руската комора и раководството на Бучим, предводено од Николајчо Николов, заменик-менаџер на компанијата. Разговорот е воден исклучиво за развојот на Бучим до 2030 година и тоа преку „НОВИОТ РУДНИК БОРОВ ДОЛ“, како и за развојот на Општина Радовиш. Симптоматично и после оваа средба нема демант на Солвеј, пишува аналитичарот.

Според него, оваа хронологија на настаните дополнително инвестира во дилемата, каква е улогата на Бучим, компанија членка на Македонско – руската стопанска комора, во креирањето на негативната перцепција на јавноста за отворањето нови рудници?