недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Економија

Извоз од 1,441 милијарда долари во првите два месеца од годинава

Извоз од 1,441 милијарда долари во првите два месеца од годинава

Вкупната вредност на извозот на стоки од државава во периодот јануари − февруари годинава изнесува 1 441 998 000 долари и бележи пораст од 4,6 проценти во однос на истиот период лани. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, пак, изнесува 1 898 200 000 долари, што е за 6,5 проценти помалку во споредба со првите два месеци од минатата година.

Како што објави денеска Државниот завод за статистика, трговскиот дефицит, во периодот јануари – февруари годинава изнесува 456 203 000 долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, електричната енергија и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени.

Во увозот, пак, најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.

Во периодот јануари − февруари годинава според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, најмногу сме тргувале со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.