Сметките на граѓаните пак под „закана“ од блокада заради присилна наплата. Извршителите почнаа со работа. По речиси четиримесечното стопирање на извршувањата, од петокoт на сите граѓани и фирми кои биле блокирани пред 1 април, пак им се извршува од сметка. А на ред кај извршителите доаѓаат и новите предмети, околу 33.000, кои биле примени од почетокот на годинава и кои „чекаа“ за време на вонредната состојба поради коронавирусот, објавува Денар.мк
Извршителите немаат податок колку сметки се блокирани во моментов. Но податоците на Народната банка покажуваат дека заклучно со март под блокада биле над 106.000 сметки, од кои 26.000 на компании и 80.000 на граѓани.
И додека извршителите се жалат дека им е загрозена егзистенцијата и нема да издржат ново одложување на извршувањата, граѓанските здруженија алармираат до Владата дека не смее да ги остави граѓаните под закана и на коронакризата и на извршителите. Велат во опасност се преку 200.000 граѓани кои се под извршување.
Ратите за плаќање на кредитите се одложени до октомври, но имаше ли начин барем на уште три месеци да се одложи извршувањето?! Поради пандемијата со корона вирусот околу 19.000 лица останаа без работа, а на 20.000 работници за најкритичниот месец- април не им била исплатена плата. Дел од компаниите пак поради намалените приходи, ги намалија платите на работниците. А поради рестрикциите, ниту банките ниту компаниите кои нудат комунални услуги не работеа со нормално темпо.
Од Владата се децидни дека нема можност за уште едно одложување.
„Имплементацијата на Законот за извршување продолжува во целост. Нема можност за продолжување на Уредбата, бидејќи повеќе не сме во вонредна состојба. Се продолжува да се извршува, освен наведените исклучоци во законот- велат од Министерството за правда.
А иако имаа законска можност, ниту банките, ниту компаниите кои нудат комунални услуги за граѓаните, како БЕГ, ЕВН, Водовод не побарале од извршителите одложувања на извршувањата.
Извршителите пак велат дека ново одложување ќе ја загрози нивната егизтенција
„Се извршува се што беше запрено со Уредбата со законска сила од 1 април. Односно сите блокирани сметки кај комерцијалните банки на правни и физички лица, а активни се и забраните ставени на плата и пензија кај работодавачите и Фондот за ПИОМ. Продолжуваат продажбите на недвижности, продолжуваат пописите врз подвижни предмети и сите дејствија утврдени со Законот за извршување. Со самата не примена на Законот за извршување најголем број на доверители ќе паднат во тешка економска ситуација бидејќи не можат да ги наплатат своите побарувања, а во прашање ќе биде доведен и опстанокот на извршителските канцеларии“, велат од Комората на извршители.
Но, граѓаните кои изгубиле работа или им се намалени платите на минималец од 14.500 денари поради корона кризата, нема да бидат извршувани. А тука влегуваат и социјалците и други приходи на граѓаните кои се законски изземени од извршување. Додека пак на оние граѓани кои примаат до просечна плата и пензија, извршителите смеат да им сопрат една петтина од приходот, а на тие над просекот една третина од платата или пензијата.
Но граѓанските здруженија се децидни. Владата не смеее да чека туку мора да најде начин да го споре извршувањето.
„Владата треба да направи една нова акција со која што ќе им помогне на граѓаните. Не како претходната која ко бајаги беше заради корона кризата, но сепак беше предизборна. Економската криза тек почнува и оваа криза ако се искомбинира со нови акции на извршителите, тогаш ќе биде многу тешко за граѓаните”, велат од здружението „Но пасаран“.
Марјан Ристески од иницијативата „Стоп за извршители“ вели дека чекаат да се состави новата влада за да ги решат проблемите кои преостанале. Еден од нив е и давачката за затезна камата која, според него, сега ќе биде наплатена со поголема сума бидејќи растела додека немало извршувања.
„Со престанок на Уредбата за извршување преку 200.000 предмети повторно ќе бидат активирани. Плус околу 30.000 нови предмети за извршување кои се изготвуваа за време на вонредната состојба. Ние чекаме формирање на нова Влада и одма ќе бараме средба. И понатаму главен проблем е затезната камата. А ќе бараме да се актуелизира и донесувањето на законот за застарување на долговитее, кој во предизборието заглави во Собрание”, изјави Ристески.
Работата на извршителите беше стопирана откако Владата на 25 март донесе Уредба со која беа запрени извршните дејствија. Со првата верзија на уредбата извршувањето требаше да продолжи на 1 јули, но поради вонредната состојба рокот се помести.