Јас тоа што имав да го кажам го кажав во мојот писмен извештај, во кој што убедливо говорам дека се работи за организиран криминал кој што не е почнат од пред година дена, туку почнато е со години наназад, вели сопственикот на пропадната Еуростандард банка, Трифун Костовски на денешната надзорна расправа на собраниска комисија за финансирање и буџет.
Костовски посочи дека има три елементи, кои што укажуваат дека одлуките за отворање на стечајната постапка не е исправната, нагласувајќи дека претходно состојбата на банката десет пати била полоша отколку во моментот кога е донесена одлука за стечај на истата, како и дека ваквата одлука е донесена без собранието како највисоко тело кое ја контролира работата на Народната банка и без формирана влада.
Состојбата што госпоѓата гувернер Бежовска ја опиша за ситуацијата и мерките кои ги преземат апсолутно не се баш во ред. Не се во ред од неколку причини, вонредните мерки предвидуваат и одземање на лиценци и на членови на Надзорен одбор и на Управен одбор. Тоа ниту еднаш во историјата не се случило. Падот на адекватноста на капиталот кој што беше крајот на март, 6.55 е слободен пад поради вонредната ситуација со кој што на сила на закон ни беше забрането да вршиме присилна наплата која ние секој месец од тие доспеани побарувања и отпишани побарувања успеавме да наплатиме по минимум два и пол до три милиони евра. Тоа е првиот елемент, вонредната ситуација траеше 97 дена со одземена претходно дозвола да работиме со физички и правни лица, а тоа значи носење на кредитното портфолио во полоша и полоша категоризација. Да имавме во последната година било какви пласмани, па би рекол дека овој проблем настанал од сега, проблемот е многу порано и објективно минатата година во март банката беше десет пати во полоша ситуација за носење во стечај отколку што беше во момент кога се донесе.
Друг елемент, кој што сакам да го кажам, е одлука за носење во стечај се носи без вас како собрание, највисокото тело меродавно да ја контролира работата на Народна банка и без формирана влада, вели Костовски и додаде дека првично владата донела уредба со законска сила каде што се забранува отворање на било каква стечајна постапка по завршување ан вонредната состојба, но веднаш потоа донела уредба со законска сила за поништување на ваквата одлука.
И уште елемент сакам да кажам, сакав да видам денес меѓу сведоците и делови и членови на бившата техничка влада, но носени се две уредби со сила на закон, едната од 24 март во која вели три месеци после завршување на вонредната состојба нема потегнување на никаков стечај, да би со иста таква уредба на 29 мај значи пред истекот малтене, пред утврдување на тајмингот за предвремените парламентарни избори, таа одлука се поништува, за да може стечајот да се воведе, веднаш по завршувањето, истакна Костовски.
Костовски е дециден дека целата постапка со Еуростандард банка е голем криминал бидејќи како што рече се работи за големи пари, додавајќи дека тој не отстапува да го докаже тоа.
Друг правен субјект кој веднаш е однесен во стечај, нема освен Еуростандард банка, се работи за големи пари, за голем криминал. Парите имаат траги, бидете убедени, како полжавот и парите трага имаат, со стечајот фактички трагите се кријат, ако сакате да учествувате сите заеднички во вакво покривање на криминал, повелете. Јас од овој мој пат не отстапувам, порача Костовски.