Македонија и македонските граѓани се наоѓаат во голема економска криза. Низата поскапувања беа силен удар по џебот на народот, а најавите за дополнителни поскапувања влеваат страв и неизвесност.
Кризата трае долго и граѓаните и фирмите се веќе исцрпени. Мерките на Владата не покажаа големи резултати.
КУРИР побара став на Сојузот на стопански комори на Македонија. Од таму велат дека владините мерки треба да се дополнат и модифицираат.
-Ситуацијата во која се наоѓаме е исклучително тешка и неизвесна, економските оператори немаат резерви со кои би можеле да ја одржуваат нарушената ликвидност, бидејќи кризата со која се соочуваме трае многу долго, почна со пандемијата и прекин на светски ланци на снабдување, следуваше светска инфлација, сега и воениот конфликт во Украина. Прогнозите за наредниот период се неизвесни, без голема доза за оптимизам за надминување на состојбите. Пакетот на мерки кои го донесе Владата ќе има позитивен ефект во надминување на несаканите ефекти, но сметаме дека постои простор за нивно надополнување и модификација, велат тие.
Од таму, во изјава за КУРИР потенцираат дека имаат барање за активирање на стоковите резерви кои се од круцијално значење во ваква кризна ситуација.
-Стоковите резерви треба да се дадат на бизнисите по соодветно ниска цена за да се искористат во производството и излезната цена на производот да биде соодветно пониска и подостапна за потрошувачите. Важно е да се обезбеди и субвенционирање на цената на електричната енергија за деловните субјекти. Посебна поддршка треба да има за микрo, малите и средните претпријатија кои се најголеми носители на економските активности во нашата држава, тие се најголеми вработувачи и воедно имаат најголем удел во бруто домашен производ, а се најчувствителни на негативните ефекти, велат од Сојузот на стопански комори на Македонија.
Мерките мора да се донесат брзо бидејќи граѓаните и бизнисот веќе не можат да трпат удари од ваков вид.
-Важно е да се преземат мерки веднаш, да се искаже проактивност, да се носат брзи, квалитетни и ефикасни решенија за надминување на проблемите со кои се соочуваме. Сметаме дека може да се изнајде модус и начин соодветно да се помогне на бизнисот, а потоа тој ќе врти, како и до сега со повисока минимална плата, лојалноста на високо ниво. Важно е да се фокусираме и на тоа што може да го направиме во насока на поттикнување на домашното производство на храна бидејќи имаме одличен потенцијал за развој на земјоделството, да се поттикне зелената транзиција за обезбедување на обновливи извори на енергија и да се искористи можност која постои за привлекување на странски инвестиции бидејќи дел од големите компании поради прекинот во ланците на снабдување бараат нови локации за производството, порачуваат од Сојузот на стопански комори на Македонија во изјава за КУРИР.