Имајќи ги параметрите на просечна плата која изнесува нешто над 25.000 денари, ако се знае дека потрошувачката кошница изнесува 32. 653 денари, дека европската директива за минимална плата е дека таа треба да биде минимум 60% од просечната плата во државата, тогаш работниците треба да се почитуваат и минималната плата да биде 16 илјади денари, бара Конфедерацијата на слободните синдикати на Македонија (КСС).
-Бараме пристоен и достоинствен живот на сите работници, а имајќи предвид дека едно четиричлено семејство со две минимални плати треба да ја достигне потрошувачката на кошничката и ветувањето на Владата од 2015 и 2016 година, бараме да се почитува европската директива за минимална плата од најмалку 60 отсто од просечната плата.
По донесувањето на законот за минмалната плата во 2012 година, овие договорени принципи денеска се користат како популистичка мерка на политичките партии само тогаш кога треба да соберат некој поен повеќе, особено во предизборните периоди. Идејата беше да се обезбеди пристоен живот, па затоа еве денес мораме да реагираме затоа што очигледно е дека некој сака да манипулира со сите нас за да обезбеди плус политички поени на терен.
Со најавеното покачување на платите од 5%, Владата во овој момент на вработените од јавниот сектор веќе им должи уште плус 20%, затоа што е тоа законска обврска, а ние остануваме и понатаму последни во регионот по лични примања и просечна плата и позади Косово и позади Албанија и Србија и имаме плати рамни на социјални примања.
Многу пати сме кажале дека без социјален мир нема ни социјална правда, и овојпат ви кажуваме дека само бараме почит и достоинство, да ни се даде тоа што е наше согласно законските регулативи, без обиди за манипулација затоа што во спротивно ќе дадеме отпор сѐ со цел да си го сочуваме нашето достоинството и нашите семејства, впрочем како што и тоа го правиме сите овие години наназад. Борбата продолжува, а ние сме тука да застанеме позади сите работници во Македонија“, соопшти КСС.