Немаштија, невработеност, очајни возрасни и деца кои питачат за парче леб, семејства без покрив над главата, граѓани на кои не им е обезбеден ветениот минимум квалитет на живот, погазена гордост и достоинствo. Ова се само дел од горливите проблеми со кои се соочуват граѓаните на нашата држава.
„Социјалната држава е згазена. Враќање на средната класа нема. Трендот на оваа политика е – или имаш многу или немаш ни за леб. Во македонската држава, создадени се класни разлики кои направија длабок рез меѓу луѓето“, велат аналитичари на националните политики за Курир.
Мила Царовска, некогаш како активистка од невладиниот сектор често беше забележувана во јавноста како дели совети за сиромашните. Популистички или не, на чело и во име на Македонската платформа против сиромаштија, неколку години пред таа да седне во министерската фотеља, маршираше заедно со сиромашните граѓани по скопските улици нудејќи рецепти за социјална политика. Беше придружувана од граѓани кои бараа стандард, наместо решавање на името на државата.
А денес, на чело со оваа владејачка гарнитура, индексот на мизерија галопирачки расте, невработеноста се зголемува, а сиромаштијата секојдневно гази се пред себе. Граѓаните очајно бараат влез на пазарот на труд како единствен излез од бедата, додаваат аналитичари за Курир.
„Вработувањето е најздравиот начин за борба против сиромаштијата и социјалната исклученост. Неопходни се инвестиции , отворањето на нови одржливи работни места, за да се спречи дополнителен контигент на граѓани кои се наоѓаат на само чекор пред отворање на вратата на сиромаштијата, од кои најголем процент се жени и деца“. Ова е заклучокот од последната панел дискусија именувана како „Актуелните трендови на водењето на социјалната политика во развиените земји на Европската Унија во споредба со земјите од регионот“ која редовно се одржува во Централниот штаб на ВМРО ДПМНЕ .
Поразителни се најновите податоци на „Finance think“ според кои 69 проценти од граѓаните не можат да си обезбедат одмор еднаш во годината, 78 проценти од нив не можат да си купат парче облека или обувки, а 34 проценти не можат да си дозволат ништо. Освен тоа што во државата се живее крпен живот, оваа година карактеристичен е животот на кредит бидејќи задолжувањата на граѓаните по банките пораснале за 10 проценти во споредба со лани.
Ветените 12 илјади денари за секое четиричлено семејство кое живее во ризик од сиромаштија, и тоа дека Владата на СДСМ ќе ги обезбеди во првите шест месеци од своето владеење, останаа само празни букви на страната број 215 од „Планот за живот“.