Низок старт на капитални инвестиции во годинава и покрај тоа што Владата на СДСМ и премиерот Зоран Заев, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за финансии Драган Тевдовски најавуваа дека токму 2019 година ќе биде година на економијата.
Во месец јануари годинава се реализирани само 4,5 милиони евра од предвидените 420 милиони евра за капитални проекти. Или вкупно тоа е 1.09 проценти.
Минатата 2018 година реализација на капиталните инвестиции беше на најниско ниво во последните 10 години. Владата на СДСМ потроши само 197 милиони евра или 65.5 проценти од предвидените пари.
Според Стопанската Комора лошиот почеток во јануари е поради забавената градежна оператива, што било карактеристично за тој месец.
Мислам дека поуката од минатата година владата сега ќе ја сфати сериозно и сега ќе интервенира на секои два месеци поднесување извештај и така нема да дојдеме на ситуација да завршиме пак на 67 посто ќе завршиме над 90 отсто, а ние како институција ќе вршиме притисок за тоа и ќе го контролираме тој процес“, вели Бранко Азески, Стопанска комора на Македонија.
Освен капиталните инвестиции, друго горливо прашање за бизнис секторот е и најавеното зголемување на минималната плата, при што најголемата стопанска комора смета дека владата не може да диктира без да го слушне гласот на фирмите.
„Треба да се подобри амбиентот растот на домашната економија и на Бруто домашниот производ да биде меѓу 5 и 7 посто за да може да го осетат тоа и фирмите и работниците и граѓаните“, додава Азески.
Премиерот Заев вчера најави дека на пролет ќе објави за колку и од кога ќе се зголеми минималецот, а сега се прават консултации со работодавачите. Според експертите минималната плата има простор да се зголеми на 13.000 денари ако расте економијата. Пред една ипол година владата утврди најниска минимална плата од 12.000 денари што предизвика негативни реакции кај бизнисмените.